Ако премиерот Зоран Заев и владејачкото мнозинство во наредните неколку дена не успеат да ги убедат пратениците од опозицијата дека треба да ја следат волјата на над 600.000 граѓани кои вчера на референдумот заокружија „за“, тогаш ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
Датумот за нивно одржување уште синоќа го најави Заев – 25 ноември. Овој План Б би значел дека Собранието ќе се самораспушти и ќе се распишаат избори кои, како што предвидува Уставот, треба да се одржат во рок од 60 дена.
На Уставот синоќа се повика и премиерот посочувајќи дека тој дава можност и за 45 дена за предвремени избори. Тоа би значело дека изборите ќе треба да се распишаат наредната среда на 10 октомври, а од првата недела на ноември ќе почне кампањата (20 дена пред денот на гласање).
Ваквата набиена агенда на домашната политичка сцена ја наметнуваат роковите од меѓународните фактори со цел да се заврши ратификацијата на Договорот од Преспа, а потоа и зачленувањето во НАТО и отворањето на преговорите во јуни 2019-та.
– Секако тоа ќе биде консултирано со правниците и стручните лица за да можеме оние 100-тина дена да ги искористиме а преку тоа да дадеме соодветно доволно време и на грчкиот парламент да ја донесе одлуката доволно далеку од парламентарните избори на Европскиот Парламент. Така што време има доволно, ако одлучиме да одиме на избори, уште еднаш напоменувам, избори би требало да има само ако тоа е неопходно, реков, Парламентот е на ред и треба да донесе одлука – рече Заев.
Меѓутоа, ваквото сценарио за имплементација на Договорот од Преспа, може да го урне договорот за пржинска влада кој го постигнаа политичките лидери. Имено, како што беше договорено на лидерските средби, измените во Законот за влада предвидуваат 100 дена пред секои парламентарни избори да се формира техничка влада по моделот од Пржино, со кое власта ѝ отстапува на опозицијата неколку министерски и заменички министерски позиции.
И покрај фрлената ракавица од Заев, од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски јавноста синоќа не можеше да слушне став дали ВМРО-ДПМНЕ е за избори.
Плусинфо упати прашања до опозицијата за тоа кој е нивниот став за ова прашање и дали ако избори се одржат на 25 ноември со што ќе нема време за 100 дена техничка влада тие ќе влезат во изборна трка или ќе се одлучат да бојкотираат.
До моментот на објавување на овој текст од ВМРО-ДПМНЕ не добивме одговор.
Во меѓувреме, на прес-конференција вицепремиерката Радмила Шекеринска, која како претставник од СДСМ го придружуваше Зоран Заев на лидерските каде падна договорот за т.н. пржинска глава, изјави дека и во случај на предвремени избори ќе се почитува пржинската одреба.
Сепак, ако изборите се на 25 ноември таквата влада нема да биде 100 дена, како што беа барањата на ВМРО-ДПМНЕ.
– И оној договор од Прижино имаше јасни опции. Доклку се оди на редовни избори пржинската влада функционира 100 дена. Меѓутоа ниту еден закон не може да биде посилен од Уставот. Уставот предвидува можност Собранието да се распушти и во тој случај изборите мора да се случат за најмногу од 60 дена. 60 е помалку од 100, се согласуваме, меѓутоа ниту еден закон не може да биде појак од уставните одредби. Ќе ги почитуваме законите, да не бевме такви можевме и мнатиот пат да не се договориме околу Законот за влада. Меѓутоа, сакаме да ги почитуваме договорите и законите и Уставот и од тие причини рековме ќе одиме на рокови кои согласно Уставот се рекови за предвремени избори. Во рамките на тие избори, пржинската одредба останува – вели Шекеринска.