Референдумот во светските медиуми открива дека Македонија е непознаница

941
Светските агенции во своите утрински извештаи му даваат забележлив простор на вчерашниот референдум во Македонија, оценувајќи дека Договорот од Преспа е сѐ уште актуелен, и покрај ниската излезеност, што е своевиден политички удар за македонскиот премиер Зоран Заев.
Германската државна агенција ДПА објавува дека Договорот од Преспа е сѐ уште актуелен и покрај неуспехот од референдумот. Некои го нарекоа нискиот одѕив политички удар за Заев, кој вложи многу политичка тежина на референдумот. Но, Заев рече дека не оди никаде.

– Немам намера да поднесам оставка. Моја должност е да останам – рече тој, одговарајќи на прашањето дали планира да се повлече, наведува агенцијата.

Американската агенција Асошиетед прес пренесува дека референдумот за промена на името на Македонија, како дел од договорот што ќе го отвори патот за членство во НАТО, доби огромна поддршка, но излезноста на гласачите беше мала.

„Премиерот Зоран Заев се надеваше на силна поддршка на референдумот за тоа дали да се прифати договорот со Грција што го менува името на земјата во Северна Македонија. Тоа ќе му помогнеше во следниот чекор за освојување парламентарна поддршка за потребните уставни амандмани. Договорот со Грција се соочи со гласна спротивставеност од значителен дел од населението од двете страни на границата, а тоа, нагласува, дека нивните влади им дале премноги отстапки на другата страна и со тоа ги оштетиле националните интереси и идентитет“, пишува АП.

За француската агенција АФП македонските гласачи го поддржаа планот за преименување на земјата со цел да се стави крај на деценискиот спор со Грција и да се отвори патот за членство во НАТО и ЕУ, при што Западот го поздрави резултатот, иако референдумот беше неуспешен поради нискиот одѕив на гласачите.

„Гласањето беше внимателно следено од Грција, која рече дека ’останува посветена’ на својот договор со Скопје од јуни, според кој Атина ќе ги отфрли своите забелешки за влез на Македонија во ЕУ и НАТО, за возврат за промена на името“, пишува АФП.

Референдумот за промена на името на Македонија не успеа да обезбеди 50 отсто одѕив на гласачите за да биде валидно гласањето, оценува агенцијата Ројтерс.

Референдумот не беше правно обврзувачки, но пратениците ветија дека ќе се придржуваат кон тоа, и неуспехот да се достигне прагот на одѕив на гласачите значи дека противниците сега можат слободно да гласаат против договорот.

Националистичката опозиција има 49 места во парламентот од 120 места, што е доволно за да го блокира двотретинското мнозинство потребно за промена на уставот, наведува британската агенција.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...