Економија, економија, економија,

423

Речиси три месеци на овие страници, во понеделничкото издание на „Слободен печат“ пишувам за економските предизвици, за отворените прашања во македонската економија, но и за позитивните примери од стопанството кои треба да се одбележат.

Го покренав прашањето за потребата да биде склучен договор помеѓу државата и приватниот сектор, со кој прецизно ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, кои се обврските на приватниот сектор спрема државата и како ќе се спроведуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој. Понатаму, пишував за неопходните промени во нашиот законодавен систем – како од аспект на дерегулацијата и воедначувањето на мноштвото прописи во системот, чија бројка надминува 1.400 закони, така и за редуцирање на практиката законите да се донесуваат по скратена постапка, без да има можност бизнис заедницата да се произнесе по предложените решенија, но и за унапредување на принципите на корпоративното управување.

Неопходна е и гилотина на парафискалните давачки, кои достигнуваат износи од 250 милиони евра на годишно ниво, и претставуваат сериозно оптоварување за работењето на деловниот сектор.

Регионалната економска интеграција, зголемувањето на трговската соработка во рамки на регионот, но и зголемувањето на учеството на извозот во БДП над постојното ниво кое не достигнува 50%, беа прашања кои исто така најдоа свое место во овие редови – како и ефектите од ноторниот процес на „балканизација“, од кој (за жал) се уште не успеваме да избегаме.

Конечно, просторот беше користен за перспективите и позитивните примери – дигиталната трансформација, проширување на мерките за поддршка на иновативноста на македонските компании, стандардизацијата преку ГС1, процесот на градење на силни домашни брендови, но и позитивните инвестициски примери од домашното опкружување.

Заедничката порака на сите објави е дека економијата мора да стане приоритетно прашање. Тоа значи секојдневно да работиме на прашањата што се императивни предуслови за економски раст, за да можеме да очекуваме позитивни економски резултати. Затоа, време е!

п.с. Првата прилика да отвориме широка дискусија за економските прашања, вклучувајќи ги предизвиците на процесите на извозната диверзификација и модерна реиндустријализација, како и конкретните решенија што ќе ни донесат повисоки стапки на раст ќе биде уште во текот на оваа недела – Стопанската комора на Македонија на 4 и 5 октомври во Охрид ќе биде коорганизатор на научната конференција „Идни предизвици на економскиот развој и економските политики на Република Македонија“, која ја организира Македонската академија на науките и уметностите, во соработка со Владата на Република Македонија и Народната Банка на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...