Писмото од Ангелко Крстевски го објавуваме интегрално:
„Во „старо“ време, мислам на времето на ФНР Југославија, некоја Сојузна институција решила да испита кој, како реагира при стресни ситуации. Поставиле камери и прислушни апарати (не се сега измислени) во секоја канцеларија на претставниците на Републиките, а на дрвените столици (тогаш немало фотелји) под чергичињата ставиле по еден патент притискувач со шилецот нагоре. Кога седнал Црногорецот, срипал, почнал да пцуе и барал кубура да го отепа поставувачот на патентот. Словенцот веднаш организирал комисија да испита за што станува збор и да превземе мерки истото да не се повтори. Македонецот, кога седнал офнал, но не така гласно, го извадил патентот од газот, се замислил и си рекол „да не е оваа некоја директива од ГОРЕ“, го вратил патентот во газот и се помирил со болката.
Ние Македонците, таквото покорно однесување си го објаснувавме со долгогодишното турско робство, па српското, па бугарското… Со нашето осамостојување, состојбата воопшто не се промени, може да се каже дури и дека се влоши, само причините за тоа не се сега занданите и сечењето глави, сега има модерни методи.
Моето скорешно доживување ќе ви покаже како сега се произведуваат покорни граѓани. Зборот „производство“ не го употребувам туку така, тој збор ми е во употреба целиот мој работен век како машински инжењер во една ФАБРИКА во права смисла на зборот, а не како овие во бесцаринските зони, кои приозведуваат навлаки за коли, воздушни перничиња, филтри и слични дребулии. Приказната започна со тужба составена од адвокат со измислени податоци од еден директор на комунално претпријатие, кој во неговите генералии додава квалификација „гимназиски матурант“. Тужбата стигнува до нотар, согласно закон (судијката кажа јасно и гласно дека тој закон е дело на славниот Маневски и ако имам забелешки нему да му се обратам) веднаш ниту да ме повика, нотарот пишува решение за извршување и доколку не се жалам веднаш ме дава на извршител. Приказната продолжи на суд, бидејќи сметав дека имам непобитни докази дека сум во право, иако сите кои што ги запознав со случајот ме убедуваа дека е најдобро да си платам независно што сум во право, бидејќи во оваа држава не владее правото, но јас не ги послушав. Конечната пресуда, после единаесет (и со бројки 11) рочишта, беше дека сум виновен и дека треба да ги платам сите трошоци. За време на последното рочиште судијката толку многу се возбуди, бидејќи не можеше да најде аргументи против моите докази, па дури и морав да ја смирувам. Бев убеден дека судијката имаше задача во спор со јавно претпријатие, секогаш пресудата да не биде на штета на јавното претпријатие (тоа го чув на една дебата на телевизија). На десеттото рочиште судијката побара помош од вешто лице да утврди дали имам платено за потрошената вода според водомерот. „Вештото“ лице изработи елаборат (со 40 страници), кој толку ја збуни судијката што веднаш пресуди во корист на гимназискиот матурант, односно на јаното претпријатие.
Да не должам, предметот стигна до извршител со тоа што треба да платам десет пати повеќе од бараната, измислената сума.
Вториот пример е сличен само како главни протагонисти се појавија „стручните лица“ од катастарот, кои за себе сметаат дека се непогрешливи. Последните изработени карти, според нивните кажувања се изработени со најсовремени инструменти, а не како во мое време со мерни траки, па резултатот од тие нивни „современи“ инструменти е тој да секој втор во Македонија има проблеми со катастарските парцели. Проблемот се појави со легализацијата на викендичките, при изработка на геодетските елаборати. Да не должам многу, еден од дваесетте соседи им поверува на „стручњаците” од катастар и го затвори патот до викендичките, кој го користиме скоро четириесет години. Пријавата до полиција не ни помогна, само ни дадоа совет дека треба по судски пат да го решиме проблемот. Неколкуте обиди да ги убедиме стручњаците од катастарот дека и они можат да направат грешка во позоционирањето на парцелите, беа неуспешни, единствено еден од шалтерските службеници на катастерот ме советуваше дека овој проблем се решава со пушка.
Сега почнува решавањето преку нашите „ефикасни“ судови. Ние седум најзагрозени соседи ангажиравме адвокат, а адвокатот ангажира вешто лице (лиценциран геодет) за изработка на елаборат со педесетина страници и по еден месец се закажува рочиште (така наречено подготвително). Првото рочиште кога дојдовме во судницата, се одложи бидејќи не дошол судијата, но се презакажа по еден месец. На тоа рочиште (подготвително), адвокатите „стручно” го изнесоа проблемот и се закажа излегување на терен по еден месец. Следното рочиште се закажа за месец и пол, поточно во март оваа година. До сега трошоците наши, како тужители, се околу педесет илјади денари, а од октомври сѐ уште не можеме да дојдеме до нашите викендички.
Двата наведени примери покажуваат со какви глупости се занимава овој народ, со какви непотребни трошоци се товари овој народ, а што е најважно луѓето се убедени дека живееме во неорганизирана држава и дека ништо не може да се промени, па е најдобро да се наведне главата и да се трпи, како примерот со патентот во газот.
П.С. Но не е сѐ така црно за секого. Професијата ПРАВНИК кај нас е многу ценета и добро е платена, посебно НОТАРИТЕ, АДВОКАТИТЕ И ИЗВРШИТЕЛИТЕ.
Не треба човек да е со познавања на виша математика, за да пресмета колку добива адвокатот од одложеното рочиште поради отсуство на судијата: 7 тужители по 1.500 денари.
Колку уште рочишта ќе има до завршување на судскиот процес, само Господ и судијата знаат“, пишува Крстевски.