Заев: Ако има избори, ќе бидат во ноември

1494

Во следните неколку дена ќе се направат напори да се разговара со пратениците дали ќе се оформи двотретинско мнозинство за да поминат уставните измени. Ако не, ќе се премине на предвремени парламентарни избори, изјави вечрва премиерот Зоран Заев.

– Ако се оди по сите рокови изборите би можеле да бидат на крајот на ноември – рече Заев.

Тој рече дека не знае колку пратеници би гласале во моментов, но дека се потребни 80 пратеници како двотретинско мнозинство.

– Изборите не би требало да бидат најпосакуваната опција. Првиот повик е најважен. Да ги оставиме суетите настрана. Да не си играме играчки, да ги ставиме интересите на сите граѓани пред сите нас – порача тој и ги повика сите, како што рече, одговорни лидери, секој пратеник да се обединат и да ја одведат нашата земја каде што припаѓа во ЕУ и во НАТО.

На новинарско прашање што ќе преземе натаму тој рече:

– Ќе направам сѐ. Ќе побарам и средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ако треба и со раководството.

– Европска Македонија доби повеќе гласови „за“ од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Дури и ако имаше цензус овој резултат од 600.000 граѓани ќе значеше јасна определба за европска Македонија. Народот направи многу важен избор. Сега кога имаме мнозинска изразена волја за европска Македонија, време е пратениците да го следат гласот на мнозинството за да обезбедиме подобра иднина – рече Заев и им се заблагодари на граѓаните кои излегоа да гласаат „за“ и „против“.

Тој упати благодарност и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што рече, презедоа одговорност за својата татковина и гласаа по сопствена волја.

– Знаеме сите дека подобар договор со Грција нема и не може да има. Алтернатива за ЕУ и НАТО нема и не може да има. Упатувам лична покана до секој член на парламентот да ги оставиме настрана партиските интереси. Ова прашање е поголемо од сите нас. Ова е момент кога пратениците со својата одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобро место за живеење на секој граѓанин – порача Заев.

– Јас сум денеска релаксиран, среќен, моите граѓани се изјаснија. Тоа е убавината на демократијата – заврши премиерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...