ЕУ не смее да дозволи „ребалканизација“ на Балканот, па затоа Западниот Балкан мора да напредува на европскиот пат во име на безбедноста на континентот, оцени денеска еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, соработката на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, што е меѓу приоритетите на бугарското претседавање, беше една од главните теми на денешната средба на министрите за внатрешни работи на Европската Унија посветена на безбедноста на границите, миграцијата и борбата против тероризмот.
По состанокот, Аврамопулос ја поздрави работата на бугарското претседателство по прашањето за соработката со земјите од Западниот Балкан и предупреди дека регионот претставува важно безбедносно прашање.
– Соработката со земјите од Западниот Балкан за миграцијата, безбедноста и границите е поважна од кога било. Сакаме да продолжиме да се ангажираме во менеџирањето на границите, борбата против тероризмот и радикализацијата, организираниот криминал, шверцот со оружје и со мигранти. Ова претставува важен момент за приближување на Западниот Балкан на европскиот пат – рече Аврамопулос.
Тој нагласи дека западнобалканските земји „се веќе дел од Европа, историски, културолошки, географски“.
– Ние мораме да избегнеме да се вратиме во темните страници на историјата и ребалканизацијата на Балканот. Време е за ново поглавје во нашите односи, да му се помогне на регионот да напредува во својата европска перспектива е во интерес на нашата безбедност, просперитет и стабилност – изјави Аврамопулос.
Западниот Балкан како важен сегмент на безбедносните прашања на Европската Унија е тема која Бугарија ја стави меѓу главните приоритети на нејзиното претседавање со Унијата.
Соработката со земјите од регионот на полето на граничната безбедноста и борбата против тероризмот е исто така дел од шесте иницијативи на Европска Комисија во нејзината стратегија за проширувањето.
Балканската рута беше една од најупотребуваните рути за време на бегалската криза. ЕУ стравува и од можна радикализација на младите, како и од оние кои заминале како странски борци во воени зони на Блискиот Исток и кои би можеле да претставуваат безбедносен ризик за Европа.
Аврамопулос нагласи и дека бројот на бегалци и мигранти кои влегуваат во ЕУ денес е намален за 30 проценти во однос на 2014 година, односно во периодот пред почетокот на мигрантската кризата.
– Намалување на бројот на бегалци е забележан на сите рути, освен во западниот Медитеран – порача еврокомесарот.