Министерството за внатрешни работи информира за нови случаи на прекршување на правилата за гласање кои ги пријавиле Општински изборни комисии или граѓани.
Според МВР, Општинската изборна комисија пријавила дека во основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје девојка која гласала со пенкало, на кое имало камера, го сликала гласачкото ливче или присутните во просторијата.
Полицајци излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
МВР исто така добила пријава дека во околината на основното училиште „Песталоци“ во Скопје се попречуваат граѓаните кои оделе на гласање и биле фотографирани.
И за овој случај полицијата излегла на местото и утврдила дека се работи за лицето С.Ч.(28) од Скопје. Таа била приведена во Полициската станица Центар за понатамошна постапка.
Полицијата добила пријава и дека на гласачкото место 2664 во основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Скопје во 13:05 часот едно непознато лице фотографирало ливче на друго лице, по што го напуштило гласачкото место. За решавање на овој настан полицијата ги повикала лицата И.Т.(28) и Ѓ.Г.(36), двајцата од Скопје.
Во 12.45 часот полицијата добила и пријава дека на гласачко место бр.2436 во с. Грчец било прекинато гласањето во периодот од 12.25 до 13.13 часот поради недостиг на ливчиња од гласачкиот кочан.
На гласачкото место број 399 во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Гостивар било пријавено дека А.М.(72) од Гостивар, по остварувањето на своето право на гласање, го искинал гласачкото ливче по што побарал друго гласачко ливче. Лицето било приведено во Полициската станица Гостивар за расчистување на случајот.
На гласачкото место бр.2447 во с.Ласкарци, И.П. член на невладина организација пријавил дека бил малтретиран и добивал закани од членовите на избирачкиот одбор. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.