96 годишниот Раде Гогов-Црноречки, еден од преживеаните борци од НОБ, денеска меѓу првите излезе и гласаше на референдумот. Тој е партизан кој учествувал во обезбедувањето на манастирот Прохор Пчински, за време на Првото заседание на АСНОМ.
– Ако можев јас да го сторам тоа, а ближам до стотката, мислам дека и другите треба да го искористат своето право на глас. Затоа што народот е тој што одлучува – вели Гогов за МИА.
По војната работел во Белград како инструктор со чин полковник во Штабот на Корпус за народна одбрана на Југославија, КНОЈ, служба која ги обезбедувала највисоките државни органи и границите и се грижела за безбедноста. Штабот бил во Белград, а имал претставништва во сите републики.
Црноречки Бил учесник во НОБ од 1941 година и учествувал во многу борби, има орден партизанска споменица 1941 и 14 други одликувања. Тој е по потекло од Кавадарци, а избирачкото право го остварува во Скопје.