Договор куќа гради, Уставот ништо не гарантира

Грците бараат решението да влезе во Уставот на Македонија, бидејќи за некое време може да се смени македонската Влада и таа нова власт да спроведе референдум за враќање на името, објаснуваат експертите.

1112

Идејата за отворање на грчкиот Устав, која ја изнесе премиерот Зоран Заев, ја разбранува грчката јавност и предизвика негативни коментари, но од друга страна, пак, ја отвори опцијата за постигнување Меѓународен надуставен договор помеѓу двете земји. Грчките медиуми пренесуваат дека како одржливо решение за спорот за името Заев предложил меѓународната спогодба да биде потпишана и ратификувана, наместо, како што наведуваат, да се менува Уставот на Македонија. Според аналитичарите за меѓународна политика, склучувањето на овој договор може да донесе само позитивни работи за двете држави, а како што велат, главната цел е преку овој договор да се постигне гарант за името, односно нашиот јужен сосед да биде сигурен дека ниту една идна македонска власт нема да побара поништување на договорот или да спроведе референдум за враќање на старото име на државата.

Без црвени линии

Идентитетот е чувство и за него не можете да преговарате или да се ценкате, истакна премиерот Зоран Заев.

– Јас верувам дека во тој дух, водејќи се внимателно кон партнерите со кои преговараме, ќе изнајдеме решение. Истовремено, предлагам да се отвори и Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум подготвен, онака како што тие водат грижа за Грците надвор од Грција, исто така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија – рече Заев.

Тој додаде дека не треба да се поставуваат црвени линии ако двете држави искрено сакаат да изнајдат решение.

– Мораме да се грижиме еден за друг за да го зачуваме достоинството на двете земји и на двата народа, но и да го зачуваме идентитетот. Многу е важно да се примени она што светот го знае, а тоа е добро позната меѓународна практика за решавање на вакви спорови. Такви се меѓународните договори, санкциите во парламентите, одлуките на ОН, а со нив и решението ќе биде вечно – рече Заев.

Премиерот истакна дека со преименувањето на скопскиот аеродром и автопатот се покажува одговорноста и грижата кон ова прашање, а исто така додаде дека по можниот договор може да се дискутира и за создавање работни групи за контрола на училишните книги во Грција и во Македонија со цел новите генерации да ги негуваат пријателствата, а не непријателствата.

Според потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимуилис, најдобриот начин за да се постигне решение за македонското прашање е да се стави крај на временската спогодба од 1995 година со меѓународен договор со надуставна сила.

– Најдобриот начин е со меѓународен договор и со комплетни и обезбедени меѓународни гаранции да се обезбедат две големи национални барања. Прво, сложено име, заемно прифатливо, ерга омнес, за сите употреби, и второ, конечно напуштање на секаков вид иредентизам – рече Пападимуилис, кој во однос на разговорите за името истакна дека треба повеќе да има преговори, а помалку интервјуа.

Страв од предомислување

Многу полесно се договорија Ципрас и Заев околу името, отколку за гарантот за името, бидејќи главниот проблем е во тоа кој ќе гарантира дека ние ќе се придржуваме до кажаното, објаснува поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин.

– Грците бараат решението да влезе во Уставот на Македонија, бидејќи за некое време може да се смени македонската Влада и таа нова власт да спроведе референдум за враќање на името. Грците стравуваат од евентуално рушење на постигнатите резултати од сегашните преговори, па затоа предлагаат да се направи меѓународен национален договор за кој ќе гарантира ЕУ, ОН и САД. Договорот би бил склучен на билатерална основа, а добро е тоа што нашиот Уставен суд нема ингеренции врз меѓународните договори, па тоа значи дека и двете страни треба да учествуваат во евентуалното раскинување на договорот. Кога станува збор за името, предлогот на Грција е името да биде составено од две споени зборчиња, но тоа не е воопшто логично, па дури е и смешно. И на нив им е јасно, но Грци како Грци, тие секогаш одат на екстремни варијанти. Јас тврдам една работа, а тоа е дека и Ципрас и Заев се подготвени да ги жртвуваат своите политички кариери, но сепак ќе го решат проблемот и ќе одат до крај – вели Ружин.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров вели дека меѓународниот надуставен договор има многу поголема тежина отколку самите преговори.

– Во септември минатата година ние постигнавме меѓународен договор кој ја обврза Грција да не ја спречува Македонија во зачленувањето во ЕУ и во НАТО, но сметам дека овој најавен меѓународен надуставен договор ќе има многу поголема тежина и ќе претставува спогодба со гаранција која нема да биде само привремена. Добро е тоа што премиерот Заев бара отворање на грчкиот Устав, бидејќи како што Грците имаат право да се грижат за своите малцинства во другите земји, тогаш и Македонија на ист начин ќе се грижи за своите малцинства во странство. Истото го прави Бугарија, Албанија, Србија и сите останати земји, па зошто тогаш нашата држава да биде исклучена? Кога станува збор за името, воопшто не е прифатливо споено име, туку овде треба да се одигра претпазливо и без брзање – објаснува Лазаров.

Грчките медиуми критикуваат

„Провокација од Заев: И Грција да го отвори нејзиниот Устав“, „Промената на Уставот не е решение, го решивме иредентизмот“, „Заев прави споредба на грчкиот со скопскиот Устав“. Ова се дел од насловите во грчките медиуми по изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев кој препорача да се отвори и грчкиот Устав за да се види како Грција води грижа за Грците надвор од земјата.

Грчкиот весник „Прото тема“ излезе со анализа упатувајќи остри критики до Македонија поради тоа што одбива непреведено име, промена на Уставот и промена на името за внатрешна употреба.

„Да се отвори прашање и за грчкиот Устав беше неверојатната провокација од Заев. Не отстапуваат, негираат каква било промена на нивниот Устав, а повторно во игра го враќаат Метју Нимиц и ја очекуваат посетата на Никос Коѕијас во втората половина на март“, пишува весникот.

Медиумите во Грција коментираат дека почетната клима на еуфорија сега е заменета со мудрост, а пресвртна точка била средбата на министрите за надворешни работи од двете земји минатиот месец во Виена.

 

Мартин Богатиноски

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...