Американската новинска агенција Асошиејтед прес пренесе од Скопје дека во Македонија се одржува пресуден референдум на кој граѓаните одлучуваат дали да одобрат географска одредница за името на државата со што се менува името во „Северна Македонија“ и се прекинува долгогодишниот спор со Грција.
„Договорот од јуни ќе стави крај на спорот од раните 1990-ти, кога Македонија прогласи независност од Југославија. Грција тврдеше дека употребата на името имплицира територијални амбиции на сопствената покраина со исто име и ги блокира напорите на земјата за влез во НАТО, наведува агенцијата во извештаите од Скопје. Македонците излегоа на гласање за промена на името на нивната земја во Република Северна Македонија, за да се отвори патот за членство во НАТО и ЕУ, и да се реши деценискиот спор околу името со Грција“, наведува во извештај Ројтерс.
Референдумот е една од последните пречки за договорот постигнат меѓу Македонија и Грција во јуни за да се реши спорот што ја спречи Македонија да се приклучи кон големите западни институции откако се отцепи од тогашна Југославија во 1991 година.
Анкетите покажуваат дека големо мнозинство од оние што гласаат најверојатно ќе ја поддржат промената, но постигнувањето на бараниот одѕив може да биде тешко, наведува таа агенција.
Германската новинска агенција ДПА нагласува дека референдумот е клучен чекор да се поништат блокадите на Атина на патот на државата кон членство во НАТО и Европската унија.
Агенцијата пренесува и резултати од анкети во кои се наведува дека мнозинството ќе гласа „за“ и со тоа ќе се обврзе Атина да не го блокира Скопје од членство во НАТО и ЕУ.