СЛОБОДЕН УДАР Шилегов на линија на Коце

За да докаже дека шлаењето по ганглии не му е главна преокупација, Шилегов решил да го крева адреналинот кај граѓаните со изградба на „зиплајн“ жичница од Кале до Градскиот парк.

5959

Со промените што ги прави и, особено, со тоа што мисли дека со нив ќе направи разлика во квалитет во однос на претходната власт, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов само им ги тенчи нервите на скопјани. Последната несфатлива одлука да ги смени имињата на неколку веќе реномирани градски манифестации ги донесе пред „слом на живците“ и најголемите противници на режимот, што цела деценија со бесмислени проекти го уриваше имиџот на главниот град.

Сега, веројатно за да докаже дека шлаењето по ганглии не му е главна преокупација, решил да го крева адреналинот кај граѓаните. Ќе гради „зиплајн“ адреналинска жичница од Кале (Музеј на современата уметност) преку Вардар до стадионот во Градскиот парк. Тендерот ќе биде распишан пролетва, а дотогаш ќе се одлучи  дали со жичницата ќе стопанисува ЈСП „Скопје” или приватен концесионер. „Зиплајнот во Скопје ќе го стави Скопје во редот на модерните европски градови кои посветено работат на унапредувањето на туризмот преку изградба на атрактивни објекти“. Истиот текст со кој десет години скопскиот градоначалник Коце Трајаноски и неговата партија – сега позната како злосторничко здружение – ги објаснуваше и ги оправдуваше градбите од „Скопје 2014“! А и идејата била нивна, само што не стигнале да ја спроведат во дело поради смената на власта. Ама еве новата власт, за промена, решила да ја спаси генијалната идеја. Само за два-три милиони евра. Тоа е само малку повеќе отколку што Градот планира да потроши вкупно за: зелени покриви, за обука на оџачари, за субвенции за печки на пелети, за реконструкција на стационарот за кучиња, за велосипедски патеки, за оптимален модел на мрежата за линии во градскиот превоз…

Тркалото, сепак, се врти.

 

„Слободен печат“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...