Нови медиумски форми на претставување, важноста од креативен и добро испланиран маркетинг пристап, промените во афинитетите на корисниците, се поголемата моќ и влијание на социјалните медиуми во пренесување на содржините, но и можноста за нивна злоупотреба во креирањето на јавното мислење беа дел од темите опфатени на неодамнешниот прв Media Innovation Forum, што се одржа во Скопје.
Првиот МИФ спои околи 100 одбрани професионалци од Македонија и регионот кои дискутираа околу медиа трендовите, предизвиците со кои се соочуваат при секојдневното работење, како се справуваат со нив, како и што се очекува да се измени во годината што доаѓа.
Состојбата во македонскиот медиумски сектор не е на завидно ниво, генерален заклучок е – телевизии што искористуваат, продуценти што се плашат.
Во Македонија, интернетот зазема се поважна улога во информирање на граѓаните, истакнува за МИА, основачот на компанијата за стратешка аналитика „Пикаса“, Норик Селими.
– Ние континуирано го следиме тој простор, каде се уште има простор за сериозен развој на влијателни медиуми според светски трендови – нагласува тој.
Во Македонија денеска оперираат над 250 дигитални медиуми, од кои најголем дел се фокусирани на дневно информирање.
Кај најпосетените 20 страни, истакнува Селими за МИА, дури 67 отсто од содржината се дневни вести.
Вообичаено, најпосетените информативни портали имаат дневен досег до 100.000 луѓе. Просечниот интернет корисник, при секоја посета, поминува две минути на сајт. Од 35 отсто до 55 проценти од публиката, пристапува кон порталите преку нивните социјални мрежи.
– Несомнено, на врвот на табелата на најгледани телевизиски програми доминираат играните серии, претежно од турски продукции. Играните серии зафаќаат најважен дел од главниот термин на ТВ таканаречениот Прајм Тајм на најгледаните домашни телевизии. По интерес на гледаност од домашната продукција со најголем рејтинг се издвојуваат централните информативни вести, политичките дебатни шоуа и забавните емисии – вели Селими.
Тој додава дека значаен дел од времето поминато пред ТВ за македонските гледачи, заземаат странските канали, каде често се наоѓаат и канали од соседството. Процентот на гледачи кои поминуваат време на странски канали е меѓу 30 отсто до 60 проценти во зависност од период на денот и возраст на гледачите.
Македонската публика преферира да гледа ТВ во вечерените часови, со највисок досег во 22 часот, каде дури 42 отсто од населението е пред своите ТВ.
Селими нагласува дека секој настан налик на МИФ2018, каде се промовира медиумската индустрија има позитивно влијание врз сите играчи.
– Клучни придобивки се запознавање со можностите, размена на искуства, иницирање на дијалог помеѓу главните актери, и секако многу важно, афирмирање на домашната продукција и медиумска сцена. Пикаса имаше своја презентација на која се обидовме да го пренесеме нашето искуство, и да покажеме реални примери како со донесување на одлуки базирани на податоци може да се унапреди медиумски продукт – додава Селими за МИА.
Првиот Media Innovation Forum беше во организација на маркетинг агенцијата „Еден на Еден“, во соработка со „Пикаса“ и IAB Macedonia, поддржан од УСАИД.
МИФ 2018 содржеше уште една паралелна програма: Byer’s Салон во кој девет македонски компании и контент креатори, меѓу кои и МИА се претставија себеси на потенцијални партнери, програмски купувачи и донатори од регионот кои изразија отворено интерес за соработка.
Интернационалните експерти на настанот беа вреден извор на информации за она што може лесно да се поправи, со труд и ефикасна прераспределба на ресурсите.
На работилницата органиизрана од Татиана Репкова, основач на Media Menagers Club се покажа дека медиумите со работата со лесно достапни податоци може ефикасно да го подобрат својот процес на работа.
Боб Пирсон, потпретседател и шеф на иновации на W2O Group говореше за привлекување на публиката и за тоа како да се издвоите од морето на различни информации, базирано на неговото искуство работејќи со брендови како Coca Cola, Red Bull, HP, Warner Brothers и многу други.
За маркетинг директорот на гигантот за интернет безбедност ESET, Џулијан Робертс телевизиите во Македонија мора итно да престанат да ги користат продукциите и контент креаторите, користејќи ги нивните услуги без никаков надомест, давајќи им само мал дел од рекламниот простор. Робертс укажува дека само со промена на свесноста кај челните луѓе во медиумите може да дојде до значајна промена во иднина.
За патот до успехот во македонски услови, подемите, падовите и значењето на соработката од надвор говореа Роберт Насков (Кино Око) и Симон Шандуловски (Vertigo Visual).
Организаторите, како и присутните се надеваат дека до следниот МИФ 2019 настан, медиумите во Македонија ќе можат да се пофалат со значаен напредок.