Македонците во Грција задоволни што можат да гласаат во амбасадата во Атина

Заклучно со 15 часот по локално време, во гласачкото место број 5014 излезноста во Атина беше 80 отсто, односно гласаа 12 од 15 пријавени македонски државјани.

200

Мирно и непречено се одвива гласањето во Канцеларијата за врски на Република Македонија во Атина, каде што се пријавени 15 лица, а правото на глас до 15 часот го остварија 80 отсто од гласачите.

Дописничката на МИА од Атина од отворањето на гласачкото место го следи гласањето во грчката престолнина иимаше можност да разговара со четири македонски државјанки кои правото на глас на реферндумот го остварија во нашата амбасада во Атина. Сите велат дека се задоволни што им се дала можност да гласаат во Атина.

Ирина веќе подолго време живее во Атина и вели дека гласањето во амбасадата било олеснително за неа, бидејќи била решена да гласа на референедумот, па дури и да треба да патува во Скопје.

-Презадоволна сум што можев да гласам во амбасада, иако имав намера да одам за Скопје за да си ја исполнам граѓанската должност – вели Ирина.

Со сличен став и решеност да гласа во Македонија, во случај да немаше можност во Грција, изразува и Зорка Заева во разговор со дописничката на МИА од Атина.

-Среќна сум што се одржа гласање. Јас сум тука 20 години, добро ми е, немам проблеми, но мојата Македонија не се заборава. Ако не можев да гласам тука, ќе заминев за Македонија – вели Заева.

Млада девојка од Македонија, кусо откако гласаше, за МИА рече дека со отвореното гласачко место во Атина и се дала можност за да ја исполни нејзината граѓанска должност.

– Изнаснувањето е важно за мене, бидејќи сметам дека тоа е моја граѓанска должност. Погодно е што можам да гласам и кога не сум во државата. Пријавувањето беше многу едноставно и имав можност да го исполнам правото на глас – вели Македонката.

Со две мали деца на иста возраст, македонската државјанка Марија, вели дека било речиси невозможно да гласа во Скопје, во случај да не се отвореше гласачкото место во Канцеларијата за врски.

– Позитивно и добро е тоа што и ние имаме право да гласаме, бидејќи е важен референдумот. Јас лично, доколку не се организираше гласање во амбасдата немаше да одам за Скопје. Прво затоа што сум со две мали деца и нема директен лет и патувањето е тешко – вели Марија, која веќе една и пол година живее во Грција.

Заклучно со 15 часот по локално време, во гласачкото место број 5014 излезноста во Атина беше 80 отсто, односно гласаа 12 од 15 пријавени македонски државјани.

Како што претходно објави МИА, гласањето во Канцеларијата за врски на Република Македонија во Атина почна во 7 часот утрово, по локално време, а гласачкото место се затвора во 19 часот.

Во Солун пак, нема да има гласање поради неостварената квота од 10 пријавени лица за отворање гласачко место.

Гласовите ќе се пребројуваат денеска, веднаш по затворањето на гласачкото место.

Ова е вторпат да се спроведува гласање во Канцеларијата за врски. Првпат македонските државјани, кои живеат во Атина, гласаа на парламентарните избори во 2011 кога беа пријавени 18 лица.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...