Хаосот после Трамп

596

Најдобар показател што го имаме досега за тоа што ќе се случи после Трамп е примерот на Италија со владеењето на Силвио Берлускони.

Што ќе се случи со американската политика после Доналд Трамп? Дали ќе се вратиме во нормала или работите ќе излезат од контрола уште повеќе?

Најдобар показател што го имаме досега е примерот на Италија со владеењето на Силвио Берлускони. А главната лекција е дека кога ќе се нарушат нормите на прифатливо однесување и кога институциите на власта ќе бидат ослабнати, многу е тешко да се воспостават повторно. Наместо тоа, го добивате овој циклус на уште поекстремно однесување, бидејќи политичарите се натпреваруваат да бидат уште порадикални. Политичкиот центар се распаѓа, нормалните политички категории левица / десница престануваат да важат и гледате подем на чудни нови политички групи кои се полуди од сѐ што претходно сте можеле да замислите, коментира Дејвид Брукс во Њујорк тајмс.

Ако Америка го следи италијанскиот пример, до 2025 година ќе гледаме носталгично наназад на Трамп како некој вид светилник на релативната нормалност. И патем, ако Америка го следи италијанскиот пример, Трамп никогаш нема да исчезне.

Силвио Берлускони првпат дојде на власт од истите причини како што дошле на власт Трамп и други популисти низ целиот свет: гласачите беа згрозени од владејачката елита која изгледаше корумпирана и недопирлива. Тие се почувствуваа како да се преплавени од бранови на имигранти, фрустрирани од економската стагнација и згрозени од културните вредности на космополитските урбани луѓе.

Кога беше на функција, Берлускони не направи ништо за решавање на основните проблеми на Италија, туку го деградираше јавниот дискурс со својот начин на изразување, ги ослабна структурите на власта со својата корупција и ја навреди основната пристојност со неговите сексуални Бунга Бунга забави и неговата генерално сексуална развратност.

Накусо, Берлускони, како Трамп, не направи ништо за да ги реши изворите на јавниот гнев, ама тој ги избриша сите ограничувања на начините на кој може тоа да се изрази.

На изборите во минатиот викенд во Италија доминираа партии што копираа многу од ексцесите на Берлускони и ги претворија во успех.

Големиот победник е популистичкото Движење Пет ѕвезди, што беше започнато од комичар и сега е предводено од 31-годишник кој никогаш не бил вработен со полно работно време. Друг победник е Лига, предводена од Матео Салвини, која одби да се дистанцира од еден од нејзините поранешни кандидати кој пукаше на африкански имигранти.

Берлускони, кој вети дека ќе протера 600.000 имигранти, се врати и сега се смета за умерен политичар. Реномираната централно-левичарска партија, како централно-левичарските партии низ цела Европа, се распадна.

Италија сега е пример за трите големи трендови кои ги поткопуваат демократиите низ целиот свет:

Прво, бришење на неформалните норми на однесување. Како што тврдат Стивен Левитски и Даниел Зиблат во „Како демократијата умира“, демократиите не зависат само од формалните устави туку и од неформалните прописи. Вие ги третирате вашите противници како легитимни противници, а не нелегитимни непријатели. Вие ја кажувате вистината најдобро што можете. Вие не покажувате отворена наклонетост кон  нетолеранцијата.

Берлускони, како и Трамп, ги поткопа тие норми. И сега ривалите на Берлускони низ политичкиот спектар водеа кампања која беше исполнета со теории на заговор, дезинформации и отворени повици на расизам.

Второ, губење на вербата во демократскиот систем. Како што пишува Yascha Mounk во својата книга „Луѓето наспроти демократијата“, вербата во демократските режими се намалува со секоја нова генерација. Седумдесет и еден процент од Европејците и Северноамериканците родени во 1930-тите сметаат дека е од суштинско значење да живеат во демократија, но само 29 проценти од луѓето родени во 1980-тите мислат исто. Во САД речиси една четвртина од милениумците сметаат дека демократијата е лош начин на водење држава. Речиси половина од нив би сакале силен лидер. Еден од шест Американци од сите возрасти поддржува воена власт.


Во италијанската изборна кампања ги гледаме практичните резултати од таквите ставови. Гласачите повеќе не се вознемируваат ако политичарот покажува диктаторски тенденции. Како што еден гласач му рекол на Џејсон Хоровиц од Тајмс: „Салвини е добар човек. Го сакам затоа што ги става Италијанците на прво место. И претпоставувам дека тој е фашист. Што да правиш?“.

Трето, влошување на дебата предизвикана од социјалните медиуми. На почетокот кога се појави интернетот, луѓето се надеваа дека слободната комуникација ќе доведе до епоха на мир, разбирање и демократска комуникација. Наместо тоа, гледаме поларизација, универзум на алтернативни информации и подем на автократијата.

Во Италија, Движењето Пет ѕвезди не започнало баш како партија, туку како онлајн платформа за донесување одлуки. Се претвара дека го користи интернетот за да создаде непосредна демократија, но како што новинарот на Ла Стампа Јакопо Јакобин му рече на Дејвид Бродер: „Во реалноста, членовите немаат вистинска моќ. Во реалноста, не постои вистинска директна демократија во Д5Ѕ, туку целосно оркестрација на движењето одозгора надолу“.

Во Италија, како и со Трамп и неговата кампања на Фејсбук, платформата на социјалните медиуми се чини децентрализирана, но всушност поддржува авторитарни цели.

Основната порака е јасна. Како што тврдеше Мунк, популистичкиот бран и понатаму расте. Помладите генерации се многу радикални, и на лево и на десно. Растечките политички тенденции ги комбинираат издашното трошење од левицата со расистичките наелектризирани ограничувања за имигрантите од десницата. Почитувачите на Владимир Путин се зголемуваат. Центарот се празни. Ништо не е неизбежно во животот, но либералната демократија јасно е дека нема да се поправи автоматски.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...