На пет јавни здравствени установи: клиниките за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања, за детски болести, за нефрологија, Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле и на Општата Болница Охрид денеска им беа доделени сертификати за акредитација.
Процесот на акредитација е почнат во 2016 година и досега се доделени сертификати на Заводот за геронтологија „13 Ноември“, ПЗУ „Плодност“ Битола, додека приватните здравствени установи „Систина“ и „Жан Митрев Клиник“ добија и сертификат за квалитет од меѓународни институции кои понатаму ги верификувала Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи.
Овој процес е задолжителен за сите јавни здравствени установи, а се состои од внатрешна евалуација, која треба да помине пред комисијата што ја формира Агенцијата и доставува извештај до Министерството за здравство.
– Дел од болниците не стекнуваат по првпат акредитација, но тоа не е помалку значајно, затоа што таму чекорот плус, поместувањето кое е направено е навистина значително. Имаме подобрување и акредитација стекната на една година, сега имаме установи кои се акредитирани на три години, каде има реална апликација на внатрешните процеси, реално подобрување во техничка и во организациска смисла кое најмногу ќе го почувствуваат пациентите – рече директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, Анте Поповски.
Клиниките за детски болести и за ендокринологија и Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле се акредитирани на три години, додека на Општата болница Охрид и Клиниката за нефрологија акредитацијата им истекува после една година од денот на донесување на решението.
Акредитацијата во здравствените установи е најраспростанетиот механизам, што во светот се користи за унапредување на квалитетот на здравствената заштита, како и квалитетот на работата на здравствените установи. Со акредитација на сите здравствени установи ќе се добие ист или сличен квалитет на здравствените услуги во сите здравствени установи.