Палењето возила во Скопје не престана и откако МВР пред три месеци во голема полициска акција успеа да најде трага од потпалувачите и да ги уапси водачите на банда, за која беше откриено дека е дел од скопското подземје. Осуммина се осомничени дека со рекет и закани и со подметнување пожари во автомобили напатувале лихварски долгови.
Пред речиси една недела беше запалено возило кај Универзална сала, мотивите и сторителите сѐ уште не се обелоденети во јавноста, зашто, како што велат во МВР, полицијата заедно со Обвинитеството сѐ уште го истражува случајот. Пред тоа настрада БМВ во Аеродром, имаше две опожарени возила во Битола… Полициската статистика вели дека од 2017 година до март годинава биле опожарени 48 возила.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски вели дека полицијата зад себе има успешна акција во разоткривање на криминалната банда која со палење возила во Скопје, но и во други градови на земјава, најчесто во Битола, се обидувала да врши рекет и да наплатува лихварски долгови. Тој за Плусинфо вели дека има случаи во кои полициската истрага покажува дека причините за опожарување на возилата се од техничка природа, најчесто поради неисправна инсталација и тоа кога станува збор за стари возила.
– Што се однесува до палењето возила поради рекет и наплата на долгови, летоска во голема акција беа приведени осуммина членови на криминална група, кои што во текот на минатата и оваа година со употреба на закани по животот и имотот на наводни должници, на насилен начин прибавувале значителна имотна корист, предизвикувајќи и штета по имотот на граѓаните преку опожарување на возила и објекти на оштетените. МВР во овој случај си ја заврши својата работа, предметот понатаму оди во Обвинитеството – вели Ангеловски.
Тој потсетува дека полицијата поднела кривична пријава против двајца на возраст од 34 и 40 години од скопското село Сарај, тројца од Скопје, а меѓу осомничените се и еден 66-годишен стружанец, еден велешанец и еден од Неготино.
Полицијата утврила дека осомничената криминална банда оперирала во Скопје. Водачот на групата се сомничи дека создал злосторничко здружение во кое бил и неговиот брат кој заедно со останатите шестмина преку закани и уцени успевале да извршат наплата на долгови од лихварски услуги или нарушени бизнис релации.
– Во наплатата на долговите, исто така, се служеле и со нотарски заверени изјави и договори за преземање на побарување, пренос на должничко-доверителски односи, компензациски договори за пренос на сопственост на имот (вообичаено возила) за наводно извршени услуги и слично. Во одредени случаи, преку ваквиот „систем“ на криминално делување побарувањата се пренесувале на членовите на групата, така што должниците, односно жртвите станувале должници на организаторот – вели полицијата.
Според МВР, сите случаи кои досега ги расветлила полицијата се во Обвинителството кое се очекува да ја заокружи истрагата и да излезе со обвинителен акт, а дел од случаите, како што е последниот во Скопје кога беше опожарено возило кај Универзалната сала, се во истражна постапка.
Рекетарската банда, освен за наплата на долгови е осомничена и дека вршела трговија со хероин, откако на патот Скопје-Велес кај еден од членовите на групата бил пронајден хероин.