Бидете одговорен сопственик, вакцинирајте го миленикот!

311

Ветеринарната комора на Република Македонија, како професионална асоцијација на докторите по ветеринарна медицина во Република Македонија апелира до сите сопственици на домашни миленици (кучиња и мачки) совесно да ја извршуваат својата со Закон утврдена обврска и редовно да ги вакцинираат против беснило.

Комората ја праќа оваа порака во насока на подигање на јавната свест за опасноста од оваа болест и поттикнување на одговорно сопствеништво, а по повод денешниот ден на борбата против беснило, кој се одбележува по 12. пат, под мотото „Беснило: Прати ја пораката, спаси живот“.

Обврската за вакцинација настапува со навршување на тримесечна старост на кучето или мачката и се повторува во интервал од една година до крај на животот на миленикот.

Неисполнување на обврската за вакцинација е казнива согласно Закон, а носи сериозни здравствени ризици по човечкото здравје и живот.

Комората повикува да се покаже посветеност и одлучност на општествената заедницата да се обезбеди понатамошна поддршка за елиминирање на оваа фатална болест, како за животните, така и за човекот.

– Бидете одговорен сопственик, кон вашиот миленик, кон самиот себе си, своето семејство и непосредната околина, беснилото е премногу сериозна болест, затоа вашата обврска за вакцинација на вашиот миленик против беснило извршувајте ја навремено и редовно – велат од Ветеринарната комора.

Беснилото е посебно опасна акутна вирусна болест кај животните и човекот која се манифестира со симптоми на воспаление на централниот нервен систем и секогаш има смртен исход.

Поради својата јавно здравствена важност и тежина Светската здравствена организација го одреди 28 Септември за светски ден за борба против беснилото. Одбележувањето отпочна во 2007 година, кога беа вклучени 74 земји, за денес да бидат преку 125 .

Датумот е одреден во чест на францускиот микробиолог Луј Пастер, кој ја развил првата вакцина против беснило, а кој починал на 28 Септември 1895 год.

Денес беснилото се сретнува на сите континенти, освен на Антарктикот, а во развиените земји е под контрола. Преку 90% од смртните случаи се во Африка, Азија и Средниот Исток, каде вирусот е широко распространет. Според статистичките податоци повеќе од 3,3 милиони луѓе живеат со ризкот од беснило, а 59 илјади луѓе годишно умираат низ целиот свет (половина од тоа се деца под 15 годишна возраст).

Една од причините за големиот број на жртви е ниската свест на сопствениците на животни за важноста на редовното вакцинирање против беснило.

Затоа целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне свеста, да се потенцира важноста на превенцијата и да стави под контрола оваа фатална болест.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...