Завршувањето на кампањата За европска Македонија го испланиравме за во Тетово, бидејќи Тетово од секогаш бил Европа во мало и пример за мултиетничноста на Македонија и богатството во различностите. Ова го изјави премиерот Зоран Заев на последната трибина пред молкот за референдумското изјаснување во недела.
Тој посочи дека Македонија со векови била мултиетничка и заедно била обединета и очекува така обединета в недела да излезе на референдумот и да гласа за европска Македонија.
– Заедништвото е богатство, а концептот на едно општество за сите што заеднички го градиме секојдневно расте, затоа што наша заедничка желба е да го запреме заминувањето на младите во странство и да ги вратиме оние што заминаа. Али Ахмети зборува на македонски јазик, Македонци во Велес бришат навредувачки графити за Албанците што го потврдува концептот едно општество за сите – рече Заев.
Во однос на поддршките од другите етнички заедници во целиот овој процес поврзан со Договорот постигнат со Грција, Заев рече дека во борбата за македонскиот идентитет и јазик сите други заедници во државата, Албанци, Срби, Роми, Власи покажале солидарност кон поголемата македонска заедница и токму тоа не крепи и не држи заедно, а признавањето на македонскиот јазик и индентитет беше потврдено и денеска при почетокот на скринингот за Македонија и Албанија во Брисел каде што официјално како трет јазик беше напишано македонски јазик. Значи, рече Заев, како признаена земја со македонски јазик и идентитет и со влезот во ЕУ се признаваат на ниво со другите јазици.
Во однос на изјаснувањето на референдумот, Заев рече дека тоа е историска одлука и важно е сите заедно да не подлегнат на некои затскриени игри.
– Ако има план Б може да се каже и да се развие дебата, меѓутоа 27 години сите политичари што зборувале на плоштадот во Тетово зборувале за во НАТО и ЕУ. И затоа очекувам овојпат не само консензус на етнички план, туку да се постигне и консензус на политички план. И ги повикувам уште еднаш мојот пријател Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ дека референдумот не е за било која партија, туку за нашата единствена партија Македонија, за нашите и вашите деца и генерациите што доаѓаат по нас – рече Заев.
Имаме пријатели од странство кои или дојдоа кај нас или нас не повикаа да одиме кај нив.
– И црвен тепих во сите европски престолнини не беше за Зоран Заев од село Муртино, туку за Македонија и концептот за едно општество, а придобивките од НАТО и ЕУ ќе бидат огромни и ќе значат мир, стабилност, сигурност, безбедност, подобра економија, инфраструктура и ќе ни помогнат да станеме дел од развиениот свет – рече премиерот Заев на завршнaта трибина во Тетово во пресрет на референдумот.