Во јавната администрација на прсти се бројат жените на раководни функции, но затоа пак шест извонредни стручњаци жени го советуваат министерот за информатички технологии и јавна администрација. Оваа информација ја сподели денеска министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски на денешната конференција „Дигиталната ера и жената“ која ја организираше телекомуникацискиот оператор Вип.
– Имав прилика да сменам само шест луѓе во мојот кабиниет и поставив шест жени кои се најдобри кадри во својот сектор. Жално е што е мал бројот на жени на раководни места во јавната администрација. Тоа треба да се промени , а ние како левоориентирана влада мора да го поттикнеме процесот на борба за еднаквост на сите и меѓу половите – рече Манчевски.
Манчевски информира дека во политиката е издејствувано учеството на жените да се издигне на 40 отсто , но обврска која ја презеде Владата е до 2020 година процентот да порасне на 50 отсто.
Спротивно на јавната администрација во телекомуникацискиот оператор Вип учеството на жените во менаџментот е 46 отсто, додека пак од 1.100 вработени во компанијата 50 отсто се жени.
– Тоа го поставува ВИП на самиот врв во земјата кога е во прашање еднаквоста меѓу половите во деловниот свет. Нашето мото е борба против различностите односно за рамноправност во секој поглед- рече извршниот директор на ВИП, Мислав Галер.
Галер рече дека конференцијата има главна цел да се покаже улогата и значењето на дигиталната технологија во развојот на општеството, како и нејзиниот придонес за еднакво учество на жените и мажите во сите општествени процеси, вклучувајќи го и бизнисот.
-Следејќи го мотото „Повеќе за вас“ Вип континуирано им нуди на корисниците иновативни и достапни решенија со виок квалитет, на најмодерната мрежа во која инвестиравме над 35 милиони евра- рече Галер.
Говорејќи за плановите на Владата за дигитализација министерот Манчевски рече дека дигитализацијата ги брише родовите разлики.
– Единствено што препознава тоа се способностите вештините и знаењата.Дигитализацијата како едно од главните обележја на нашето време е значајна за целокупниот развој на општеството. Владата прави големи напори во секој сегмент за да се создадат нови услови за иден развој. Во таа насока е и подготовката на Националниот план за широкопојасен интернет кој ќе овозможи развој на брзи супер брзи елекронски комуникациони мрежи – рече Манчевски.
Во панел дискусијата, која беше дел од конференцијата, за продобивките од дигитализацијата во деловниот свет своите искуства споделија директорки на неколку компании, адвокатки и консултантки.