Излегуваме да гласаме ЗА или ПРОТИВ, Бојкотот и одговорите ЗРОТИВ и ПА, се несериозни и недржавнички

Кажано со шаховски жаргон, на 30 Септември, со заокружувањето ЗА, треба да го турнеме храбро нашиот шаховски пиун преку почетни две полиња, поминувајќи преку шаховска “en passant” грчка позиција. Да го истургаме тој наш економски сиромашен пиун макотрпно преку шаховската геополитика на денешницата, лека полека, едно црно, едно бело поле и да го трансформираме од сиромав балкански пиун во западноевропска шаховска кралица со тоа што ќе направиме евро-атлантска рокада со зачленувањето во НАТО.

2193

Ad nauseam. До бескрајна одвратност и назад. Изедено, преџвакано, повратено и повторно изедено. Остана ли некоја мисла неискажана или некој збор ненапишан или непрочитан? Дури ни пепелта на Александриската Библиотека не може да го роди тој феникс кој може да ги прелета овие мориња на жив песок полн со глупости и демагогија со кои се изнаслушавме.

Каков невиден, ненаситен, туп и понижувачки балкански инает.
Тоа е идентитетот кој се губи и исчезнува со Преспанскиот Договор. Исчезнува и се губи тупиот Балкански инает и национализам. Националистичкиот туп инает е идентитетот кој се оплакува со крокодилски солзи, затоа што е загрозен да исчезне како птицата додо. Преспанскиот Договор ќе биде лек за балканскиот национализам. Преспанскиот Договор ќе го излечи и грчкиот, и македонскиот, и бугарскиот, и албанскиот и српскиот и сите преостанати балкански национализми, со можен плацибо ефект и пошироко во Европа. Заради тоа Европејците ни дојдоа да не бодрат и охрабруваат, за да ни помогнат нам, но да си помогнат и себеси. Нашата среќа е во тоа што во овој момент ни се поклопуваат интересите со прогресивната Европа како никогаш досега, но поклопувањето на интересите може да трае кратко колку нашето видување на опашката на Халејевата Комета ако референдумот затаи. Референдумот мора да успее.

Преспанскиот (КОМПРОМИСЕН) Договор е потпишан помеѓу една земја членка на Европската Унија и НАТО, и помеѓу една земја која е аспирант за влез во Нато и ЕУ. Сам по себе, Преспанскиот Договор е своевиден комплимент и потврда за вредноста на постоењето на ЕУ и НАТО. Очигледно е дека и НАТО и ЕУ прележуваат грип, но грипот е еднонеделен или седумдневен проблем, освен ако не е шпански грип, оној од пред сто години, оној од 1918 година. Кој уште се сеќава на Шпанскиот Грип и на 20 до 50 милиони жртви од истиот? Никој, само надгробните плочи. Нема веќе очевидци од Првата и се помалку такви од Втората Светска Војна, затоа се забораваат и помалку или воопшто не се ценат фантастичните придобивки од Европската Унија која првенствено понуди светски мир а потоа и економски и општествен просперитет. Таа Европска Унија мора да остане и наша чел, кон која ќе се стремиме станувајќи членка на НАТО, преку исполнувањето на Преспанскиот Договор со нашето излегување да гласаме во овонеделниот референдум.

Брегзит?!? Да, се појави и новиот „кракатау остров“ наречен Брегзит, кон кој веслаат сите популистички и налионалистички европски политички пирати. Популистичките и националистичките движења во Европа се шират како своевидно беснило и нудат инфантилно лесни одговори за многу комплицирани прашања. Овие популистички и националистички политички гусари и пирати, во своите говори користат отровна реторика и нивното делување сериозно го загрозува мирот и просперитет на сите европски општества. Ова е само по себе додатен аргумент дека на 30 Септември треба да се излезе и да се гласа за Преспанскиот Договор кој ќе делува како пеницилин против популистичкото и националистичко беснило.

Се повеќе и почесто е несфатливо дури и за самите британци, како едно такво високо сензитивно Окс-Бриџ општество успеа да произведе толку глуп и самоштетен референдумски резултат, кој со својата можна деструкција е конкурент и на Првата Светска Војна, сосе милионските човечки жртви од шпанскиот грип?!?!?!

Годинава на 11 Ноември (11/11/2018), точно во 11 часот, Британците ќе ја припомнат 100 годишнината од прекинот на Првата Светска Војна и непотребното и глупаво националистичко рововско војување, додека полагаат венци од црвени булки на Сенотаф-от, празниот гроб на Вајтхол, кој е отспротива на Лондонскиот Даунинг Стрит. Можеби кога Лондонскиот Биг Бен посмртно ќе отчука 11 пати, распосланите венци од црвените булки ќе засмрдат на непотребно пролеаната крв на Британските, Европските а со тоа и Балканските дедовци и баби? Обединетите Европејци не смеат никако да дозволат тие црвени булки да бидат идната пролеана крв на нивните внуци.
Можеби оваа визија ќе им помогне на гордите британци да ја променат глупавата одлука за Брегзит. За жал знаеме дека гордоста и глупоста одат рака под рака. Брегзитот не е радосна вест ниту за Европската Унија која сеуште вели, ако британците сакаат, сеуште можат да ја променат својата несфатлива и самоштетна одлука. Но, изгледа еден популистички и националистички дел од британците префатиле од балканскиот инает и гордо се качуваат на бродот наречен Брегзит, кој, веќе е јасно, ќе биде вистинки економски и политички Титаник.

Додека сме во Британија, да споменам дека Преспанскиот Договор е на слично рамниште како и Велипеточниот Договор (Good Friday Agreement) , кој се покажа како успешен и доблесен за решавање на гордиевиот јазол во Северна Ирска и беше донесен БЕЗ Референдум.

Кај нас во Македонија, идеата за референдум и кампањата против решението на спорот со Грција се родија заедно и истовремено, веднаш после самитот во Букурешт, значи веднаш после 3 Април 2008 година. Истовремено се започна и со антиквизацијата и со референдумската понуда за кога-тогаш-НИКОГАШ решавање на спорот. Преспанскиот Договор денеска се судрува со антикампања која е започната веднаш после 3 Април 2008 од страна на сегашната опозиција и тогашна позиција која иако е автор на сегашниот референдум, сепак референдумот се обидува да го снесе како кукавичко јајце. Само тупиот Балкански национализам и инает можеше да постави обезглавени антички скулптури и обезглавено преименување на автопатот пред самитот во Букурешт. Тупиот Балкански инает си продолжи по инерција и успеа да произведе вистински пар-екселанс туп балкански националистички проект Скопје 2014, кој си имаше и свој побратим на телевизиски документарен Гебелс производ од страна на Државната МРТ Телевизија. Телевизискиот побратим на Скопје 2014 сеуште деноноќно брмчи на Канал 5 Телевизија. Проектот Скопје 2014 и проектот побратим со Документарните филмови на МРТ, беше непрекинатата рефендумска кампања за перпетуално одбивање и бојкотирање на компромисот за името.

Се прашувам, кога веќе ТВ Канал 5 започна со емисијата „Само Вистина“, како прпуштија да го поканат нивниот колега и телевизиски водител, кој не учеше да зборуваме Античко Македонски Јазик или не е тука, заминал на протестен марш со хунзите?
Тоа беше да фрлаш со камења, а куќата да ти е од стакло.
Преспанскиот договор ќе спречи идни фрлања со камен, затоа што сите куќи можат да бидат стаклени.

Кажано со шаховски жаргон, на 30 Септември, со заокружувањето ЗА, треба да го турнеме храбро нашиот шаховски пиун преку почетни две полиња, поминувајќи преку шаховска “en passant” грчка позиција. Да го истургаме тој наш економски сиромашен пиун макотрпно преку шаховската геополитика на денешницата, лека полека, едно црно, едно бело поле и да го трансформираме од сиромав балкански пиун во западноевропска шаховска кралица со тоа што ќе направиме евро-атлантска рокада со зачленувањето во НАТО. Конечно и засекогаш, да излеземе храбро од „менито“ и да седнеме равноправно на масата со другите европски држави.

Сите чувствуваме длабокото разочарување од несериозниот и тафтoлогичен став на опозицијата кој ќе остане за политички ‘вјек и вјеков’. Наместо одлучно и храбро ДА или НЕ, добивме одговор ДЕ или НА, кој неспретно и неуспешно го камуфлира очигледниот референдумски бојкот. Бојкот, кој е во спротивност со поддршката од целиот евро-атлантски државнички џет-сет.

Чист туп балкански националистички инает. Тотална отсутност на интелектуално и државничко читање на геополитичката реалност, со аргументи и оправдувања кои тавтoлошки-контадикторно укажуваат дека во “блиската далечина нешто црно се белеело и дека тоа бил млад старец, кој на коњ пешки јавал, и простум седел на дрвен камен, и размислувал дали стаклото е џам или џамот е стакло…..” Ad nauseam.
Доста веќе со двоумења и контрадикторни тафтологии и тупи националистички инаети.

Не смееме веќе да фрламе со камен, затоа што сите балкански и европски општества се стаклени зданија, втемелени врз безброј страдања и војни и стојат благодарејќи на мачно стекнати децениски компромиси. Нема да фрламе со камен затоа што компромисните договори се бритки и кршливи.

Затоа во недела на листот од гласачката хартија ќе заокружиме ЗА, за евро-атлантска и просперитетна Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...