Дојде и денот да ги покажеме резултатите од ветената и долгонајавувана поддршка за финансирањето на спортот и спортистите во Република Македонија. Денес, овде, пред вас, со големо задоволство објавувам дека системската поддршка на спортот од страна на Владата веќе доби конкретна форма и механизам за подобрување на состојбата во македонскиот спорт, а исто така и услов за поголем напредок и подобри резултати на македонските спортисти, рече премиерот Зоран Заев на промоцијата нановиот систем на финасирање во спортот.
На настанот беа присутни спортски работници, претставници на спортските федерации и компании, како и поддржувачи на спортот.
– Нашата стратешка цел – да ги зголемиме средствата за спортот и да гарантираме негова самостојност и развој, од денес, започнува да заживува со системот на финансирање попознат како ваучерски систем. Нови 6 милиони евра во македонскиот спорт кои ќе растат во иднина, покрај постоечката финансиска поддршка што АМС ја дава на федерациите.
Со овој ваучерски систем, делот од данокот на добивка, го ставаме на располагање на спортските субјекти, за сите спортски клубови и федерации, што значително го подигнува нивото за развој на квалитет и ја зголемуваме финансиската моќ на спортските клубови – рече Заев.
Тој додаде дека ова значи дека секој правен субјект, отсега, ќе добие можност до 50% од пресметаниот данок на добивка да го инвестира директно во спортот. Секој клуб, федерација или спортист има во рака ваучер којшто значи платен данок за компанија, односно сите субјекти имаат еднаква шанса за примање на финансиски средства без фаворизирање.
Овој принцип, додаде Заев, ќе овозможи секој спортски субјект да стане атрактивен и посакуван партнер за успешните стопански субјекти, кои покрај сопствената промоција и општествено одговорна работа ќе добијат и конкретна финансиска мотивација за вложување во спортот.
– Процедурите се едноставни, без било какви комплицирани административни постапки, без дополнително оданочување и проблеми за компаниите коишто ќе помагаат. Финансиските поволности ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од претпријатијата, што значи дека, тие, стопанските субјекти, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист – рече премиерот.
Целиот систем ќе биде спроведуван и контролиран од стручно тело кое ќе се формира во рамките на Агенцијата за млади и спорт. Со ова се отвора едно цело ново поглавје во овозможувањето поголем простор и повеќе средства, за нови спортисти и спортски клубови, како и за развој на постоечките.
Заев е убедендека овој модел ќе даде одлични резултати во спортот и веруваме дека конечно спортот и спортистите ќе ги дигнеме на пиедесталот во ова наше општество.