Бојан Маричиќ, главен технички преговарач со ЕУ, во интервју за МИА вели дека Владата сака да ја вклучи опозицијата во претстојниот преговарачки процес со ЕУ, што треба да почне идната есен, и дека се чека на опозицијата да каже кој модел е најприфатлив за неа.
По првиот подготвителен состанок Македонија – ЕУ, Маричиќ зборува и за тоа кои лекции ги научила администрацијата денес и зошто на Македонија и е потребен преговарачкиот процес за длабока внатрешна реформа.
Дали можете да објасните зошто на Македонија и е толку потребен притисок од европските институции за да ги спроведе внатрешните реформи? Противниците на Договорот со Грција сметаат дека Македонија треба тој процес сама да го направи, зошто не се согласувате со оваа теза?
Ние десет години со претходната влада немавме преговарачки процес, имавме алтернативни процеси од типот на пристапен дијалог на високо ниво, итни реформски приоритети, имаше рамки што пробуваше Европската комисија да ги направи за Македонија да не биде надвор од процесите, бидејќи Србија и Црна Гора веќе преговараа, Хрватска влезе итн.
Ние во тој период, сите тие импровизирани рамки што не се вистински преговори, но се некаква рамка за преговори, ги пропуштивме и од тие не направивме ништо. Кога нема вистински процес опаѓа политичката волја а и ентузијазмот кај администрацијата. Кога има вистински процес, кога е вака официјален, кога нѐ викаат за да почнеме скрининг, кога имаме политичка одлука да се отвори патот за отворање на преговорите во јуни 2019, едноставно администрацијата е во погон да произведе резултати, но и политичката волја се зголемува, но и затоа што е поопипливо дека одиме чекор понатаму, дека не ни прават некои замени, не ни измуслуваат некои специјални инструменти туку влегуваме во процесот на преговори за членство. Тоа е тоа што за сега недостасуваше, тоа е енергијата што ја раширија резултатите од добрососедските односи и договорот со Бугарија, а особено договорот со Грција. И доколку тој се имплементира до крај како што е тргнато неминовно ќе ги тргне сите оние политички прашања од масата на нашите евроинтеграции и ќе нѐ фокусира на реформите и на она што треба да го правиме тематски. Еве денес сме тука за правосудство и темелни права, поглавје 23, во ноември ќе бидеме за правда, слобода и безбедност, поглавје 24 и тема по тема, целата администрација ќе се мобилизира, ќе доаѓаат големи делегации. Денеска имаме 40-члена делегаицја, тоа е незапаметена посетеност од последниве години. И заедно со Албанија бидејќи тие се во истата фаза на подготовка за преговорите ќе разменуваме искуства и ќе работиме заедно со иста мотивација.
Кој е вашиот одговор на забелешката дека ова не е класичен скрининг како што имаа претходните држави, туку подготвителен?
Подготвителниот скрининг е само во наша корист. Затоа што нашата држава премногу долго беше во чекалната. Нашата држава појде минатта година од позиција на заробена држава и од таа позиција почна да се бори за да остварува реформски резултати и да се доближи до преговори. Овој објаснувачки скрининг се одвива во моментов меѓу Македонија и Европската Комисија. Откако ќе заврши, а треба да заврши за една година од прилика, нешто помалку, по јуни 2019 кога ќе се донесе одлуката за преговори ќе започне билатералниот скрининг, а тоа е скрининг на Македонија со другите земји членки на ЕУ. Тој скрининг е многу посилен, поинтензивен и попреговарачки во смисла на тоа дека 28 држави ќе поставуваат прашања, ќе се интересираат до каде сме и кои се нашите резултати. Ова е подготовка која ни овозможува да произведеме подобри резултати во реформите до јуни 2019 и подобро да се подготвиме за скринингот по донесувањето на одлуката во јуни 2019. Тоа значи дека ова е најдобар начин како да го искористиме времето до јуни 2019 и како да влеземе во и расположени и кондиција за тој скрининг билатерален со државите. Затоа што тој ќе биде доста поинтензивен и практично ова го гледаме како една подготовка за да не ни биде тогаш изненадување.
При крај сме на првиот ден на подговителниот скрининг, што научивте денеска конкретно?
Денеска ни беа детаљно презентирани точките, односно неопходните документи и принципи кои треба да ги запазиме во нашиот правен систем. Пред сѐ во областите судство и антикорпуција. Во моментов тече делот за темелни права, ќе продолжи и утре за темелни права бидејќи е обемна материја. По завршувањето на оваа презентација и нашите прашања, ќе се напише еден извештај со заклучоци, врз основа на кој ние ќе ги проектираме реформите до билатералниот скрининг.
Можете ли да дадете конкретен пример, нешто што било кажано денес што не сте го знаеле, или за кое си рековте дека за ова навистина имаме слабост во Македонија, нешто корисно за реформскиот процес во Македонија?
Дознавме дека има процес на создавање на европско јавно обвинителство до 2020, ја дознавме комплетната правна рамка за антикорупција, ги дознавме зајакнатите принципи за независност на судството, базирани врз случаите пред Европскиот Суд за Правда, дознавме повеќе информации за различните искуства со обуките на судиите бидејќи ние подготвуваме реформи на нашата Академија, тоа се неколку од темите кои најмногу се разговараа и коишто треба да служат како репер за нашиот план за реформи во правосудството, антикорупција и темелни права.
Невладиниот сектор не беше вклучен во оваа подготвителна фаза, зошто?
Владата инсистираше на вклучување на невладиниот сектор како набљудувач во овој процес, сепак ни беше укажано од страна на Европската комисија и од кабинетот на комесарот Хан дека ова е подготвителен процес помеѓу Владата и Европската комисија и дека во оваа фаза, сѐ додека не се утврди системот по кој невладините ќе бидат вклучени во овој процес, не е добро да се вклучуваат одредени фактори селектирани наспроти организирано вклучување. Затоа што ако, по нивната сугестија, се вклучат некои организации, некои ќе бидат исклучени, а сигурно ќе има и бизнис заедници и стопански комори и медиуми коишто ќе прашаат зошто не сме и ние? Ова е направено по сугестија на ЕК. За понатаму ќе видиме.
Понатаму ќе го вклучите невладиниот сектор?
Залагањето е да.
Словенечкиот модел на преговарање е еден од најинклузивните, кога Словенија преговарала настапувала со силна државна платформа во преговорите во која биле вклучени и граѓанскиот сектор, академците, но и опозицијата. Планирате ли да го искористите истиот модел?
Словенечкиот модел завршил одамна со преговорите и мислам дека треба апдејт, бидејќи Словенија се зачленила 2004, сега сме 2018 и имаме други држави кои во меќувреме преговарале, Бугарија, Романија, Хрватска, во моментов Србија и Црна Гора. Значи има многу посвежи искуства од Словенија. Минатата недела имавме двајца словенечки експерти коишто ни објаснија дека имале доста рестриктивен пристап кон невладините, односно ги вклучувале само во одредени области каде што имале голема експертиза. Ние сакаме пошироко да ги вклучиме, на пример поблизок би ни бил црногорскиот модел кадешто граѓанските организации се директно вклучени во работните групи и тоа ќе овозможи да бидат присутни во делот на настаните во Брисел и во делегација.
Но тоа ќе подразбира и еднакви одговорности. Ако влезете во тие тимови ќе треба да ги споделувате истите одговорност, и за споделување на информации и за вложување на труд и знаење како и останатите коишто се дел од јавната администрација.
Во однос на опозицијата, тука постојат повеќе начини како да се вклучи. Ние би сакале тоа да биде и директно таму кадешто се крупните прашања но и преку Собранието, бидејќи треба да се даде поголема улога на парламентите. Во овие системи кои веќе преговараат, Србија и Црна Гора, имаат улога парламентите. Комисијата за европски прашања на пример дава мислење и дава амандмани на преговарачките позиции на Владата коишто се обврзувачки за понатаму за Владата. И мислам дека тоа е добро преку Парламентот пред сѐ да биде вклучена опозицијата затоа што таму е најинституционално, најсоодветно, меѓутоа и во директни разговори. Постои можност за вклучување и отворени сме за дискусија со опозцијата кој е за нив најприфатлив модел на вклучување.
Сте ги информирале во опозицијата за ова?
Да, имаме комуникација. Сега бидејќи сѐ уште е референдум и кампања, и не е таа комуникација интензивна меѓутоа од наша страна е пуштен сигнал дека сме подготвени за отворање на овој процес.