На покана на Домот за стари лица “Мајка Тереза”, во Злокуќани, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со дел од советниците ги посетиле повозрасните сограѓанки за заеднички да го одбележат 8 Март, меѓународниот ден на жената.
Богоев ги слушнал нивните сеќавања за овој ден, како денеска ги поминуваат пензионерските денови и од колкаво значење им е комуникацијата со луѓето надвор од секојдневието.
– Во празничните моменти, кога сите се собираат со најблиските, знам дека и за вас е важно да имате со кого да споделите убави мигови. Тоа е примарното значање на оваа наша, меѓугенерациска дружба – рече Богоев.
За да се подобрат условите во кои претстојуваат лицата во „Мајка Тереза“, Општината во изминатиот период презела активности за зголемување на безбедноста во Домот, како што е санирање на подот и други тековни зафати. На пролет, се предвидува и дополнително уредување на дворот и оплеменување на просторот со ново зеленило, соопшти Општината.