Жени од различни професии денеска по повод 8 Март маршираа од Жена парк до плоштадот Филип Втори порачувајќи да се отфрлат стереотипите и да кажат „НЕ“ на насилството и омразата врз понежниот пол.
– Со овој марш, освен што ги славиме жените, ги повикуваме и нашите татковци, браќа, сопрузи и синови да се солидаризираат со жените во Македонија и заеднички да ги отфрлиме стереотипите и етикетите што не ограничуваат сите и да им кажеме „НЕ“ на насилството и омразата врз жените – порачаа учесничките на маршот.
Снешка Илиќ од „Реактор – истражување во акција“ посочи дека во 2018 година во Македонија има највисока доеничка смртност во Европа и оти причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги кои им следуваат.
Таа нагласи дека повеќе од 175.000 жени немаат гинеколог во својата општина и оти на повеќе од 80 отсто од жените Ромки им наплаќаат ехо прегледи, кои треба да им бидат бесплатни.
Кон маршот се приклучија и премиерот Зоран Заев, вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за здравство Венко Филипче и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богов.
– Како нова Влада покажавме дека во однос на прашањата за женската рамноправност водиме сосема различна политика и покажавме дека и бројките во политиката се важни, денеска во македонското Собрание имаме околу 45 проценти жени. Покажавме дека сметаме на жените и дека правата на жените се и наши права. Честит да ни е меѓународниот ден на жената и на овој меѓународен ден да покажеме дека знаеме како и во Македонија овие права да бидат гарантирани. Нашата борба тука не запира – истакна Шекеринска.
Маршот го организираше Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.