Поглавје 23, прва епизода: Македонија има многу слабости во судството

499

Министерката за правда Рената Дескоска на првиот ден од подготвителниот скрининг со ЕУ порача дека Министерството размислува за можно зголемување на средствата за судиите и судството, но дека истовремено постои проблем со постоечки неискористени средства наменети за судовите, јави дописничката на МИА во Брисел.

На прашање дали Македонија би го следела примерот на Албанија, чија министерка за правда утрово пред почетокот на состанокот најави дека во оваа земја двојно ќе се зголемат платите на судиите, Дескоска посочи дека кога стигнала во Министерството за правда била изненадена што постојат неискористени средства во овој дел.

– Во делот на обезбедување финансиски капацитети за работа на судството, ние размислуваме за одредени корекции што би можеле да обезбедат еден тип на независност и непристрасност, но исто така сме свесни дека има добар дел од судскиот буџет, кој е доделен на судовите во овој момент, а не се искористува. Размислуваме дури да им се помогне со експертска помош – изјави министерката за МИА.

Рената Десоска денеска, заедно со вицепремиерот Бујар Османи, го предводи првиот подготвителен состанок за преговори со ЕУ, на кој се презентира европското законодавство во делот на правосудството и фундаменталните права, познат како поглавје 23.

Ова поглавје е едно од најтешките, ако не и најтешкото, вели министерката.

Според новата преговарачка методологија на Европската Унија, поглавјето 23 заедно со 24 за правдата и безбедност, први се отвораат и последни се затвораат, оставајќи ѝ на ЕУ можност во текот на целиот процес да бара дополнителни напори од земјата кандидат за членство.

Во овој дел опфатени се реформите за судството, јавното обвинителство, начинот на управување со предметите, одговорност на судии и обвинители, судскиот совет, совет на јавни обвинители, борбата против корупцијата, објаснува Дескоска.

Запрашана кои се главните слабости на Македонија, Дескоска вели дека ги има многу.

– Од делот на тоа како се остваруваат постапките за дисциплинска одговорност и разрешување на судии, како изгледаат тие постапки во Судскиот совет, во Советот на јавни обвинители, какви се капацитетите на нашите институции во борбата со криминалот и корупцијата, значи имаме различни аспекти во оваа област кои се навистина предизвик пред нас – вели Дескоска.

Околу проблемот со четворицата судии посочени од СЈО и присутни во „бомбите“ кои не се разрешени и покрај сериозен сомнеж дека работеле по нарачки, Дескоска повтори дека Министерството не може да се меша во работата на Судскиот совет.

– Министерството за правда може да помогне во делот ако има недоречености, проблеми во законската рамка, да помогнеме да се постават јасни критериуми за разрешување на судии или претседатели на судови, но не може и не смее да ја преземе улогата на Судскиот совет – наведе министерката за правда.

Обезбедувањето на владеење на правото и почитувањето на фундаменталните права подразбира и ефикасно справување со феноменот на говорот на омраза, на што, како што често се забележува, институциите не реагираат ефикасно. Министерката вели дека се работи на законски измени во овој дел.

– Ние сега подготвуваме измени каде што се предвидуваат инкриминации дури и за дела од омраза, мотивирани од омраза, без оглед на тоа врз кој основа е таа омраза. Текстот е даден на јавна дебата – изјави Дескоска.

Таа смета дека во Македонија почнува да се јавува свест и дека веќе јавноста го препознава говорот на омраза, но дека „сега е потребно институциите да реагираат на елементите каде има говор на омраза или ќе бидат дела од омраза“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...