Апел до сите граѓани на Репубика Македонија в недела, на 30 септември да излезат масовно и да се изјаснат на референдумот за Договорот со Грција со цел да се отвори патот на интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО, упати денеска во Скопје претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели.
Тој на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин Талат Џафери истакна дека Косово ја почитува волјата на граѓаните на Република Македонија и нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
– Даваме силна поддршка на постигнатиот договор меѓу Република Македонија и Република Грција. Истовремено, ние како Република Косово сакаме да му дадеме иста таква насока на дијалоот што го водиме со Србија за постигнување коммпромис и ние да почнеме како суверена и независна држава да го финализираме нашето патување кон ЕУ – истакна Весели.
Џафери истакна дека Собранието и институциите во моментов се фокусирани на успешно спроведување на референдумот.
– Уште еднаш апелирам до сите кои сѐ уште се двоумат во однос на потребата од излегување на гласање. Референдумското изјаснување не е изјаснување за статусот на политичарите, не е изјаснување за статусот на политичките партии, тоа се случува на избори. 30 септември не е гласање за избори, тоа е гласање за избор дали ќе одиме во иднината или ќе останеме во статус квото, заробени во минатото – рече Џафери.
Во однос на следната фаза, додаде тој, од 1 октомври ќе може да се слушнат сите ставови за потребата за уставни измени.
Тој изрази уверување дека граѓаните на Република Македонија се определени за иднината затоа што, како што рече „со гласањето на 30. секој граѓанин ќе има можност да одлучи индивидуално за себе, за своето семејство, за сите граѓани, за државата“.
– И додека вие работите на референдумот и сѐ што произлегува од него, ние како Република Косово ќе продолжиме да работите со Република Србија околу постигнувањето конечен договор, кој ќе ни овозможи да соработуваме како две соседни земји во ист регион, кои имаат иста цел, зачленување во ЕУ – рече спикерот на косовското Собрание.
Кога станува збор за спорот меѓу Косово и Србија, Џафери нагласи оти не е во ред да се користи терминологијата за размена на територии, која се користи во слободната форма на комуникација.
– РМ и институциите, јас како претседател на Собранието и Собранието ги поддржуваме напорите на државите за изнаоѓање прифатливо решение меѓу двете држави за конечно да се реши последниот конфликтен однос меѓу две земји во Западен Балкан, тоа да се реши со билатерална спогодба и регионот да престане да биде перцепиран како место на конфликти – нагласи Џафери.
Весели нагласи дека и Косово и Србија работат во насока на постигнување договор и напомена дека при постигнувањето на решенија многу е важно да се биде рационален и да не се игра на картата на емоции и популизам.
Двајцата претседатели на законодавните домови се договириле да продолжат со унапредување на партнерските односи меѓу двете земји во сите области, кои се од взаемен интерес.
Република Косово до крајот на декември планира да го заврши делот од автопатот кој ги поврзува двете земји.
Фото: МИА