Сензорна градина која претставува училница на отворено, специјално дизајнирана да овозможи широк спектар сетилни искуства со цел да ги зголеми сетилните вештини на децата со оштетен вид и да им помогне за полесна ориентација во просторот денеска беше пуштена во употреба во Државното училиште за рехабилитација на деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Проектот е целосно финансиран од компаниите – членки на Американската стопанска комора во Македонија.
На отворањето на оваа прва сензорна градина во Македонија присуствуваа министерот за образование и наука Арбер Адеми, американскиот амбасадор Џес Бејли, извршниот директор на Американската стопанска комора во Македонија, Дијана Десподов, градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски…
– Учениците со оштетен вид од ова училиште добиваат таканаречена сензорна градина во која ќе имаат можности за надградба на физичките вештини, способноста за ориентација и мобилност во простор, за препознавање на карактеристиките и особините на растенијата и земјоделските култури, за следење на нивниот производствен процес итн. – рече Адеми.
Станува збор за прв ваков проект во земјата кој ќе биде од голема полза во развојот на личните способности и вештини на учениците, а ќе има значење и за наставниците кои им предаваат и кои нема само теоретски, апстрактно да појаснуваат одредени работи, туку ќе имаат можност и практично да ги презентираат и да им овозможат тие да ги искусат на посебен начин прикладен на нивните специфичности.
Директорот на Државното училиште за рехабилитација на деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов се заблагодари за реализацијата на проектот и укажа на неговата важност за учениците и наставниците.
Амбасадорот Бејли рече дека создавајќи ја оваа сензорна градина компаниите и поединиците го искажале своето сфаќање дека здравата заедница во која сите имаат можности е добра и за нив, за нивната причина за постоење и препознаваат дека деловниот сектор не постои независно од заедниците, туку постои внатре во општеството и соработува со сите негови чинители, граѓанските организации, властите, за целата заедница да просперира.