Обвинителство: Атмосферата за референдумот е мирна, пријавете неправилности ако има!

260

Во пресрет на референдумот, атмосферата на терен во однос на нерегуларности и кривични дела е мирна, а од Обвинителството се надеваат дека така ќе остане и во недела на денот на гласање, вели обвинителот Џејлал Бајрами.

Состојбата ја следат обвинители од целата територија на Република Македонија, а специјално за референдумот со одлука на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е формирана комисија која работи уште од почетокот на кампањата.

– Задача на оваа комисија е да ги следи евентуалните противправности против кривичните дела против изборите и гласањето. Во комисијата членуваат членови од сите четири Виши јавни обвинителства и еден од ОЈО Скопје и со тоа се покрива цела територија. Дадени се задолженија на денот на гласањето покрај редовните да има и дополнителни дежурства со цел навремено делување ако евентуално има кривични дела. Воспоставена е комуникација со сите обвинителства и со припадниците на МВР кои ќе бидат на терен и ако има некое кривично дело да известат за да може да делуваме и навремено да собереме докази – рече Бајрами.

Исто така, и електронската адреса за потребите на оваа комисија, посочи обвинителот, е отворена и ги повикуваат граѓаните, партиите, невладините организации, домашните и меѓународните институции и сите кои ценат дека има неправилности со организирањето и спроведувањето на гласањето да ги пријават за да може обвинителатвото да постапи.

Бајрами вели дека досега е поднесена само една кривична пријава од страна на една политичка партија за делото поткуп при избори. Пријавата од скопското е препретена до кумановското обвинителство.

Тој не сакаше да одговори за која кривична пријава станува збор, но во јавноста е познато дека ВМРО-ДПМНЕ го пријави премиерот Зоран Заев кој на трибина зборуваше дека бизнисмените треба да го одврзат ќесето и да ги наградат вработените.

Бајрами не даде коментар ниту за наводите од Единствена Македонија дека постои исказ од заштитен сведок и по референдумот наводно се спрема апсење на нејзиниот лидер Јанко Бачев. За одговори ги упати новинарите до прес службите на обвинителството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...