Референдум за ЕУ или испраќање на гурбет

722

Равенката од која се очекува да произлезе јасен одговор на претстојниот референдум се чини дека повеќе не содржи непознати во однос на сегашната историска шанса за исполнување на стратешката цел од осамостојувањето на земјата – целосна евроатлантска интеграција. Речиси тридецениското блокирање на евроинтеграциите на Македонија, од една страна, и прифаќање на Договорот со Грција, од друга, не може да се разделат и третираат одделно, туку се поврзани во рамнотежа што сега дефинитивно треба да го деблокира патот кон НАТО и ЕУ. Токму затоа суштината на референдумското прашање може да се толкува само во неговата сложена целина.

Референдумите се често поврзани со широки бранувања во најшироката јавност токму поради начинот на кој е формулирано референдумското прашање. Многумина кои гласаат на референдум прават напори од повеќе агли да го разгледаат прашањето за кое треба да се изјаснат, но секако дека воопшто не е мал и бројот на оние што се определуваат за сосема поинаков пристап – особено кога прашањето содржи силни емотивни аспекти.

Референдумската кампања опозицијата ја искористи за интензивно манипулирање со расположенијата меѓу македонските граѓани, внесувајќи несигурност, страв и поделби. Кампањата се напаѓа со фејк-лаборатории од кои континуирано се шират лажни вести и црна пропаганда, при што опозицијата добива силна поддршка и од претседателот на државата и неговите злокобни пораки дека успешниот референдум ќе значи и „правно укинување на македонскиот народ“. Но немоќта на мрачните сценарија е токму во неможноста да се понуди конкретна алтернатива и поинакво решение со кое Македонија би излегла од изолација – и без прифаќање на Договорот со Грција.

Фактот дека забрзување на патот кон ЕУ е пат кој води кон успех, е неоспорен. Блокирањето на тој пат на Македонија не ѝ нуди ништо друго освен натамошна неизвесност, нестабилност и сиромаштија. Без можности да се запре, односно барем да се успори натамошното масовно заминување на младите на гурбет. Тоа е всушност македонската реалност што во актуелниов миг интензивно се одвива по патиштата што водат кон ЕУ, а што сигурно не би била запрена и по пристапувањето на земјата во европските интеграции, но би можела барем делумно да биде означена и со поттикнување на миграциите на работната сила и во обратна насока.

Речиси во ниедна земја-членка на ЕУ не постои општа согласност и целосна поддршка на членството во Унијата. Токму затоа, поради проблемите што ја оптоваруваат европската соработка, во последните години силни позиции добиваат десничарско популистички партии меѓу кои има и такви што заговараат одржување на референдуми на кои граѓаните би се изјасниле дали се за натамошно членство во ЕУ, или, пак, би им ја укажале довербата на политичари кои ќе се заложат за повторно барикадирање зад сопствените граници на националната држава.

Сепак, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека поддршката на ЕУ се зголемува во Европа. Во просек 57 проценти од граѓаните на ЕУ се позитивни кон членството на нивната земја, а што претставува пораст од четири отсто во однос на претходните истражувања направени од страна на Евростат.

Мнозинството членки денес повеќе не се исти земји какви што биле пред зачленувањето во ЕУ. Тоа еднакво се однесува и на богатите високоразвиени западноевропски демократии, како и на поранешните источноевропски комунистички држави. Без оглед на разликите во пристапот кон решавење на одделни прашања, а што внесува тензии во механизмите на европската соработка, во сите земји-членки е забележан развој што претставува значајно зголемување на можностите за избор што им се нудат на граѓаните.

Во голем број ЕУ членки младите сега можат да студираат на универзитети на разни места во рамки на Унијата, без оглед на дебелината на паричникот на родителите. Административни и правни пречки да се работи во друга земја-членка се речиси целосно избришани, така што ЕУ практично претставува еден гигантски пазар за труд со неограничени можности за сите видови компетенции. По зачленувањето во ЕУ трговијата во низа земји растеше побрзо отколку што тоа претходно можеше дури и да се претпостави. Земјоделската политика, на пример, станува поотворена и дерегулирана, а едновремено засилената конкуренција на 500-милионскиот европски пазар ја стимулира прехранбената индустрија да понуди подобар квалитет. Најголема финансиска поддршка за земјоделието од европските фондови добива Франција, додека Бугарија и Франција денес, по десетгодишното членство, добиваат најмногу во однос на нивната економија, односно бруто општествениот производ.

Успехот на Европа се засновува врз слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги. Тоа се четирите слободи што го чинат темелот на ЕУ. Државите, исто како и луѓето, остваруваат приход и заработуваат – преку соработка.

Тешко може да се замисли која било земја-членка каква била и како изгледала пред приклучувањето кон европското семејство на демократии. Дури и најбогатите членки биле посиромашни, поограничени и позатворени. Оттаму се гради и свеста кај многумина европски граѓани, што всушност значи вистински исчекор што на нивните земји им обезбедува прогрес и развој кон општетство на благосостојба, а не да се посакува и тежнее кон враќање на претходните историски надминати состојби.

Иселените млади од Македонија, кои успешно функционираат во Европа, тоа мошне добро го знаат, и немаат никакви дилеми да ги прифатат принципите што и на нивната сопствена земја би ѝ овозможиле да стане дел од големиот европски проект, и со тоа, по неколку промашени и губитнички транзициски децении, да тргне поенергично и побескомпромисно кон создавање на барем малку – поуспешна развојна приказна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...