Ахмети: Не верувам во стравот што се шири дека цензус нема да има

310

Европската Унија во неколку наврати отворено ни предочи: решете ги проблемите со соседите и продолжете ги почнатите реформи. Тоа е важно за нас, истакна лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, синоќа во интервју за ТВ24.

Тој во интервјуто информира дека по зачленувањето во НАТО, во првиот дел на идната година, ќе почнат суштинските реформи и сериозните разговори со ЕУ.

– Многу посети се остварени во Атина со сите грчки челници за да се изнајде конкретно решение, прифатливо за двете страни. Многу труд и вложување се направени за изнаоѓање решение во овој правец. Не верувам во изјавите дека постигнувањето цензус во недела претставува опасност – изјави Ахмети.

Тој изрази оптимимизам и за гласот „За“ на дијаспората.

– Остварив средби со многу иселеници, кои престојуваа во земјава, и сум убеден дека во сабота, ќе дојдат тука, не сакам да калкулирам со бројки, но ве уверувам дека и тие сакаат нивната земја да оди напред. Јас припаѓам на луѓето кои мислат за иднината на оваа земја, а не на тие кои сакаат да се вратат во минатото. Не верувам во стравот што се шири дека цензусот нема да успее – изјави лидерот на ДУИ.

Во врска со уставните промени по референдумот, Ахмети смета дека ќе има пратеници кои ќе ги ценат гласовите на граѓаните и ќе гласаат за уставните промени, бидејќи не сите сакаат изолација.

– Референдумот е одлучувачко прашање за земјава. Никој не треба да го условува референдумот со ништо. Ова е историски момент што нема да се повтори – одговори Ахмети на прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија за челниците на партијата како надомест за поддршка на референдумот во недела.

Тој е сигурен дека граѓаните на Македонија позитивно ќе се одзиваат на референдумот и знаат како се создава иднината.

– Никој не ги именува граѓаните на Северна Ирска како „Северно Ирци“, туку тие во светот едноставно се познати како Ирци. Ова е пример што ги отфрла изјавите дека Договорот со Грција го негира и му штети на македонскиот идентитет – изјави Ахмети.

Според Ахмети, македонскиот идентитет и јазик можат да се зачуваат само внатре во НАТО и ЕУ.

Лидерот на ДУИ, во врска со Охридскиот договор, изјави дека сите политички партии во земјава признаваат дека патот кон Европа минува преку Охридскиот договор и законите што произлегуваат од него. Сега преостанува последниот дел, Законот за јазиците и решавањето на прашањето со името, конкретно референдумот.

Агендата на ДУИ, истакна Ахмети во интервјуто за ТВ24, е целосната имплементација на Охридскиот договор и зачленувањето на земјава во НАТО и ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...