Многу луѓе деновиве ме прашуваат, „Добро, па што ќе прават сега Русите со Македонија, по успехот на референдумот и по влегувањето на Македонија во НАТО? Значи ли тоа дека тие се поразени?“
Ехеее, кога работите би биле така едноставни…
Големите светски сили – па дури и некогашните големи светски сили, каква што е Русија, со Путиновите агресивни аспирации тоа повторно да стане – во своите стратегиски планови не размислуваат во тактичките терминолошки рамки на „победи“ и „порази“. Напротив, нивните пристапи се динамични, флексибилни, состојбите повеќе ги проценуваат во низа од фази, во кои по секој нов развој на настаните „на теренот“ во одреден регион или држава, следува нова фаза на прилагодување во нивниот пристап, за акомодација на нивните мултидисциплинарни интереси.
Во таков контекст, она што Москва го прави во Македонија во последните неколку години е историски новитет на нашите, македонски простори: сега Русите, како никогаш во минатото, интензивно, но стрпливо развиваат мрежа на локални влијанија и ресурси, човечка инфраструктура којашто ќе ја користат за следните фази од развојот на разни елементи на македонската геополитичка позиција. Така, на пример, во минатите неколку години, експоненцијално се зголеми бројот на руско-македонските културни, уметнички, спортски и научни здруженија за соработка; голем број внимателно избрани македонски новинари, научници, културни работници и сл. добија шанса за разни видови на студиски престои во Русија, во рамките на своите области на интерес; се отворија неколку руски почесни конзулати; се инвестираше во руска медиумска присутност и влијание, а за руската интензивна активност низ содржините и „навигацијата“ на социјалните мрежи доволно е раскажано; се продлабочија фокусирани економски канали на влијание; па дури се организираа и активности (како, на пример, планинарски походи) кои, навидум, може да се третираат како најнормална туристичка или рекреативна активност во која било земја.
Се разбира, во некои области Русите настапија и поексплицитно. На пример, се основаше и политичка партија, „Единствена Македонија“, која е директна, иако тотално несмасна партиско-политичка испостава на Москва во земјава. Но, тоа што на нејзино чело се постави еден политички „кловн“ (бившиот полицаец Јанко Бачев) може да е резултат на желбата тој врз себе да привлекува и троши доволно општо внимание, додека во други политички и партиски структури се водат многу посериозни, па и поскапи операции, со далеку посериозни кадровски инсталации.
Паралелно со тоа, Русите неколкукратно го зголемија своето формално дипломатско присуство во земјава (Руската амбасада во Скопје денеска брои неколку десетици дипломати, иако до пред 3-4 години тој број беше едвај еден грст луѓе), „вечниот“ Лавров и руското Министерство за надворешни работи ја спомнуваат Македонија со редовност и интензитет незабележан во последните стотина години, а на минатите избори, за прв пат, Русите акредитираа десетици официјални посматрачи кои, нема сомневање, не доаѓаат од руските невладини организации за мониторирање на демократските процеси во светот. Впрочем, некои овдешни извори говорат дека во „посета“ на руската „воена база“ (има тоа некое друго официјално име таму) во Ниш, од Македонија во последната година се заминати десетици македонски граѓани со посебно развиена „програма за престој“…
Дополнително, после полни осум години мандат (!) на својот претходник Шчербак во Скопје, новиот руски амбасадор во земјава, Сергеј Бездникин, кој пред десетина дена ги предаде акредитивите во Скопје, има долгогодишна и високо-експертска дипломатска биографија на Балканот (од Сараево до Приштина), што навестува дека Скопје може да биде место за руско делување и во поширок регионален, а не само македонски контекст.
Сакам да кажам, иако не им се допаѓа, Русија на Македонија веќе гледа како на нова членка на НАТО. (Што, патем, не може да се каже за бројни високи и пониски претставници на ВМРО-ДПМНЕ, на пример…) Затоа нејзината сегашна операција овдека е повеќе насочена на регрутација и инфилтрација, а не конспирација за блокада на македонските евро-атлантски аспирации.
Значи, Русија (како ни САД, впрочем) овдека не можете да ја „поразите“. Можете само што подобро да се подготвите за следната фаза во македонско-руските односи, со надеж дека ќе превладее резонот на соработка и респект од страна на Русија за нашите национални интереси.
Ете уште една (добра) причина в недела да си ги облечете чевлите и, без брзање, да одите да гласате на претстојниот референдум!
Извор: Цивил медиа