Малата балканска земја Македонија, наскоро треба да биде именувана Северна Македонија доколку граѓаните гласаат за промена на името на референдумот закажан за 30 септември, со што конечно ќе добие шанса да се приклучи на заедницата на западните земји. Ако граѓаните на земјата ја поддржат промената на името, Грција соопшти дека ќе престане да го блокира членството на својот сосед во НАТО и во Европската унија.
Спорот датира од 1991 година, кога Македонците прогласија независност од Југославија со воспоставување Република Македонија, што ја наведе Грција да се спротивстави на тоа, тврдејќи дека новата земја ја узурпирала нејзината историја и има претензии за нејзината територија со тоа што го присвоила името на нејзиниот северен регион, исто така наречен Македонија.
На самитот во Брисел, во јули годинава, лидерите на НАТО ветија дека ќе ја поканат Македонија да се приклучи кон Алијансата по решавањето на нејзиниот спор со Грција, со што автоматски Северна Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО ако референдумот биде успешен. И покрај тоа што пристапувањето во ЕУ несомнено ќе трае подолго, позитивниот момент на интеграција во НАТО ќе ја стави Македонија на многу поцврст пат кон членството во ЕУ, особено ако Владата го искористи овој моментум за да ги зајакне реформите во владеењето на правото.
Сепак, исходот од референдумот не е сигурен. Анкетата спроведена од страна на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во јуни и јули покажа дека 57 отсто од Македонците поддржуваат промена на името, но уличните протести против промената се жестоки. Екстремните националисти во Македонија и Грција не сакаат компромис. На некои Македонци, разбирливо, не им се допаѓа тоа што Грција бара да се додаде придавка на името на нивната земја. Некои Грци се загрижени поради некои иредентистички чувства на Македонците, и покрај тоа што имаат прецизна граница, а имаат и гаранцијата за колективна одбрана во рамки на НАТО. И Русија жестоко се противи на договорот меѓу Македонија и Грција, за кој ќе се гласа на референдум.
Но, ниту вознемиреноста за дополнителната придавка ниту стравот од иредентизам се оправдание да се жртвува благосостојбата на граѓаните во овие две земји. Договорот за кој ќе се гласа месецов, потпишан во јуни од страна на македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас, е суштински разумен и ги унапредува пошироките геополитички интереси на двете нации, преку поголема стабилност и безбедност на Балканот. Избирачите не треба да дозволат домашната или странска опозиција да им застане на патот.
И додека интеграцијата на Македонија во НАТО не претставува воена закана за Москва, тоа ќе ја намали способноста на Кремљ да го шири своето корумпирано влијание во регионот. Тоа доведе до тоа Москва да користи посредници, вклучувајќи олигарси, свештеници, шпиони и дипломати за да организираат и финансираат опозиција за договорот.
Со врски со членовите на претходната националистичка влада на премиерот Никола Груевски, Кремљ сега активно ја поддржува кампањата на националистите против договорот за името. Според поранешниот шеф на македонската контраразузнавачка служба, Владимир Атанасовски, земјата веќе долго време е цел на „силна субверзивна пропаганда и разузнавачка активност“ што доаѓа од Руската амбасада во Скопје. Во јули, Заев рече дека еден руски олигарх кој живее во Грција префрлал пари за радикалните македонски националистички групи, опозициските политичари, па дури и фудбалски хулигани да организираат протести против договорот за името.
Во меѓувреме, во Грција, руски разузнавачи беа фатени во паралелна кампања за да се спротивстават на договорот за името, обидувајќи се да се здружат со конзервативните сили, како што се Грчката православна црква, националистичките организации, групите ветерани и воените офицери. Откако дозна за тоа, грчката Влада протера неколку наводни руски шпиони и лиферуваше категорична изјава: Сакаме да ги потсетиме нашите руски пријатели дека ниту една земја во светот нема да толерира обиди за а) поткуп на државни функционери, б) поткопување на нејзината надворешна политика, и в) да се меша во нејзините внатрешни работи.
Сепак, и покрај откривањето на оваа кампања на влијание, Кремљ и понатаму ја насочува својата војска од интернет-тролови да го бомбардираат социјалниот медиумски простор во двете земји со пропаганда против договор.
Со ширење на пропаганда на омраза и финансирање насилни демонстрации, Русија активно поттикнува етнички незадоволства, кои за жал остануваат моќна сила во политиката на Балканот. Пред помалку од две децении, на крајот на милениумот, Македонија застана на работ на потенцијално разурнувачки етнички конфликт. Меѓутоа, за разлика од она што претходно се случи во Босна и Херцеговина и во Косово, американската и европската дипломатија спречија војна и го креираа Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој ги балансираше интересите на македонското (словенско) етничко македонско мнозинство и етничкото албанско малцинство. Ултранационалистичките групи што ги поддржува Москва, сега ги напаѓаат овие извонредни дипломатски достигнувања, кои се извор на стабилност и мир во Македонија во изминативе 17 години. Спротивно на ова, новата влада во Скопје владее со поддршка на партии што ги претставуваат етничките албански, турски и ромски заедници, сведоштво за визијата на договорот за мултиетничка демократија.