Македонска делегација предводена од вицепремиерот Бујар Османи утре и задутре во Брисел ќе го отвори скрининг процесот на поглавјето 23 кое се однесува на правосудството и фундаментални права, а во рамки на претстојните преговори за пристапување на Македонија во Европската унија, потврди денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Во делегацијата ќе има претставници од повеќе министерства и институции, техничкиот преговарач и советник за евроинтеграции Бојан Маричиќ, а ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска.
Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година, а потоа ќе почнат и преговорите за членство во ЕУ.
На новинарско прашање дали во процесот ќе бидат ангажирани странски експерти, Бошњаковски рече дека Владата распишала оглас за надворешни домашни експерти.
Огласот предвидува до 10 октомври заинтересираните да достават работна биографија и мотивациско писмо со наведено поглавје или тема за која имаат експертиза.
Европската комисија во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.
Подоцна Европскиот совет даде поддршка за условен почеток на преговорите со Македонија, што треба да се отворат во јуни 2019, а за тоа време државата треба да исполни неколку услови – реформи, спроведување на Договорот за името и да добие позитивен извештај од Европската комисија.