Поддржувачите на референдумот од коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“ и оние кои се за бојкот влегуваат во финишот на нивните кампањи, кои треба да завршат утре на полноќ. И медиумите уште денеска и утре ќе може да ги емитуваат рекламните пораки.
Молкот за референдум, според закон започнува 48 часа пред денот на гласање, за разлика од оној пред избори кој започнува 24 часа пред гласањето.
„Јавната пропаганда за референдумот мора да заврши најдоцна 48 часа пред денот на гласање“, пишува во членот 12 од Законот за референдум.
Молкот ќе трае до 19 часот во недела кога ќе бидат затворени гласачките места.
Првите гласови на референдумот паднаа уште денеска со гласањето на членовите или замениците членови на избирачки одбори кои ќе патуваат во странство каде ќе гласа дијаспората. Иселениците ќе гласаат во сабота во 33 дипломатско-конзуларни претставништва и конзуларни канцеларии на Република Македонија. Вкупниот број на граѓани кои се пријавија за гласање во странство изнесува 2.694.
Во сабота, покрај, нив, ќе гласаат и болните и изнемоштени лица, затворениците и оние кои се наоѓаат во домашен притвор.
На денот на гласање, во недела, гласачките места ќе се отворат исто како и кога се одржуваат избори, во 7 часот, а ќе се затворат во 19 часот.