Екипите на Град Скопје ја почнаа изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од раскрсницата со булеварот Словенија и улицата Македонска косовска бригада до раскрсницата со улиците Бутелска и Кемал Сејфула.
На почетокот на градежните работи присуствуваa и градоначалниците на Скопје и на Бутел, Петре Шилегов и Велимир Смилевски.
– Постојната улица Босна и Херцеговина е изградена пред повеќе од 40 години, асфалтот не е заменет и широка е само 7 метри, а истата ќе прерасне во нов модерен булевар. Поради констатираните пукнатини на коловозната површина и оштетувањата на улицата, но и поради тоа што претставува главна градска магистрала што ги поврзува општините Бутел и Шуто Оризари, решивме како еден од нашите приоритети да биде изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина. Овој булевар ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри. Новиот булевар ќе има по 3 коловозни ленти во двата правца, 5 метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни – рече Шилегов.
За реализацијата на овој капитален проект ќе бидат издвоени околу 150 милиони денари со ДДВ.
Шилегов апелираше до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.