Ќе кажам да ми олесни на душата!

784

Вистината излезе на виделина. ВМРО-ДПМНЕ конечно си ги „покажа“ нозете. Раководството на оваа најголема опозициона партија на народот и членовите им велеле едно, а мислеле и правеле сосема друго. Излезе дека не биле само против референдумот и договорот со Грција туку дека биле „потајно“ и против Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. А на цел глас викаа дека се „за“. Зошто? За инает или поради тоа што го изгубија кредибилитет кај големите од НАТО и ЕУ кои, конечно ѝ подадоа рака на Македонија да излезе од мракот и калта, во која се „давеше“ повеќе години.

Последните настапи на лидерот Христијан Мицкоски и други врвни раководители, ја „извадија“ вистината на виделина. Го „лажеле“ и народот и своите членови. Биле против СДСМ, а друго правеле сѐ за да си го зачуваат своето „место“ во партијата. Затоа дозволиле на референдумот секој по свое убедување да гласа.

Деновиве ми пријде еден средновечен човек. Разговор почнавме за екологија, за загаденоста на реките. Во еден миг замолче. По кратко, ме погледна и тивко ми рече:
„Тешко ми е. Но, морам да се истешам. Да ми олесни на душава. Верував дека ни ја кажуваат вистината. Ни велеа ќе ја изгубиме Македонија. „Комуњариве“ се „предавници“ ќе ја продадат и Татковината и сите нас. Ќе останеме и без идентитет и без јазик и без име. Ни велеа да „бојкотираме“. Да пропадне референдумот. Им верував. Стар член сум. Ја сакам партијата но, верувај, сакам Македонија да влезе во НАТО и во ЕУ. Да нема граници, да имаме гаранција на нашето небо. Да можам слободно да отидам кај синот во Германија. Македонија да има иднина и да биде со богатите. Сега гледам дека сето тоа било лага. Зошто? Ќе излезам на референдум. А мое право е за кого ќе гласам!“

Ми рече, ми подаде рака, се поздрави и полека замина по улицата. Не му реков ништо. Негово право, негово мислење. Но, нешто одвнатре не „молчеше“ во мене. Зошто вистина секогаш се крие. Зошто само сопствениот интерес да се гледа? Колку луѓе се заведени и колку од нив ја дознаваат правата вистина? Зошто Македонија е партиски разделена? Зошто не сме единствени и зошто со години и години само се караме. А водачите? Сѐ исти. Како јајце на јајце! Убаво рекол народот: „На сите да гори, нивното никогаш не гори“. Такви се нашите водачи. Сите. И едните и другите. А и без команда не нѐ бива. Дали од вековите тоа ни останало. Но, така е. До кога? Ќе има ли крај на омразата, караниците и плукањата?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...