Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека четири работи ќе претрпат промени во Уставот преку усвојување на еден амандман, во согласност со Договорот од Преспа.
Првата промена е, како што кажа, додавање на географската одредница, втората е во Преамбулата со зајакнување на конститутивните елемнти на државноста преку АСНОМ, а тоа се одлуките за самоопределување, самобитност, самоствојност, како и визиите за слобода и демократија.
– Во членот 3 се зајакнување на непостоењето аспирации надвор од териториите на Македонија, односно неповредивоста на границите како што е во уставите на сите земји-членки на ЕУ и членот 49 од Уставот кој се однесува на дијаспората – рече Заев во емисијата Топ тема на ТВ Телма.
Премиерот потенцира дека останува грижата за дијаспората целосно, но по ЕУ стандарди, како што стои во земјите-членки на ЕУ.
– Тие се работите содржани во договорот кој е веќе објавен. Ќе сакаме тоа да го направиме со еден амандман за да не трошиме непотребно време за повеќе амандмани. Верувам дека тоа може. Правниците ќе го кажат последниот збор, но суштината е тоа – појасни премиерот Заев.
Во однос на преамбулата на Уставот и дали ќе биде избришан македонскиот народ, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска рече дека текстовите на амандманите на Уставот не се напишани и не е чесно да се пишуваат пред референдумот. Најави дека тој процес ќе се одвива транспарентно во Собранието.
– Не чека процес кој е целосно транспарентен и ќе се случува во Собранието. Но уште сега може да потврдиме дека македонскиот народ нема да биде избришан од преамбулата – рече Шекеринска.
Таа ги оцени како дезинформации ваквите тврдења, и нагласи дека во преамбулата уште еднаш ќе се потврдат одлуките од АСНОМ.
– Македонскиот народ ќе биде во преамбулата затоа што тоа е духот на Договорот и уште еднаш ќе се потврди дека конститутивните одлуки на АСНОМ кои се основата на нашата државност ќе бидат потврдени – рече Шекеринска.
Премиерот Заев потенцира дека Договорот од Преспа е фер и праведно решение и заснован на факти и оти конечно ги остваруваме вековните аспирации на нашите татковци, дедовци и прадедовци.
– Имаме потврден македонски јазик, потврден македонски идентитет, сме Македонка, Македонец, Македонци коишто живееме во РМ и отсекогаш сме биле и секогаш ќе останеме. Нашиот идентитет е комплетно потврден со тоа што решивме децениски спор, којшто ја кочеше Македонија и ги отворивме „железните порти“ коишто беа навистина железно поставени пред Македонија, а тоа е отворањето на портите кон НАТО и кон ЕУ.
Тој посочи дека сите европски и светски државници кои го движат светот напред, на Македонија и на граѓаните им испорачаа порака дека земјата има пријатели, дека се отворени вратите на ЕУ и на НАТО и сите потврдија дека одлуката е на граѓаните на Македонија.
Прашан во врска со примената на придавката Македонец, Заев рече дека тоа е прашање на идентитетот.
– Со успешниот референдум ќе бидеме Македонци од Република Северна Македонија и Македонци ќе бидат сите наши граѓани што се чувствуваат Македонци. Ние само сакавме во Договорот да го афирмираме, потврдиме и Грција да го направи актот на признавање. И Грција токму тоа го направи. Јас ќе се обратам некаде во март месец во Парламентот на Северна Македонија, но ќе зборувам за македонско девојче, за македонска економија, за македонска книга, за Македонски Брод како град. Идентитетот веќе никој не го спори. Иако велиме дека јазикот ни беше признат во ОН во 1977 во извештаите што ги добивавме од ЕУ многу често стоеше вашиот јазик, вашиот народ – рече Заев.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека можностите од членството во ЕУ се неограничени имајќи го предвид 500-милионскиот пазар и искуството на повеќе земји како Бугарија и Естонија од членството пристапноста до кохезивните фондови на Унијата.