За човековите права зборуваме

Во сеопштата какофонија на идентитетско-територијално-историско-контра империјалистички-пронационалистички-рационално-ирационални и етно-емоционални перцепции на спогодбата од Преспа, се заборава димензијата на човековите права и основни слободи.

1188

Спогодбата не е само за државите и за народите и за етницитетите. Договорот е пред сѐ за граѓаните на двете држави, за индивидуите.

Во Преамбулата на спогодбата се истакнува дека тие кои што ја склучуваат се “Водени од духот и начелата на демократијата, почитувањето на човековите права и основни слободи и достоинство“. Ако внимателно се прочита спогодбата, станува јасно дека ова не е само формална флоскула, туку почитувањето на основните права и слободи е: суштински елемент на договарањето, суштински елемент на идните активности на државите во врска со имплементацијата на договореното и дека границата на голем број од активностите е исцртана токму по линијата на повреда на основните права и слободи.

Во спогодбата има и член во кој што специфично се адресираат човековите права и основни слободи. Според членот 5: “Во вршењето на нивните работи, Страните ќе се раководат од духот и начелата на демократијата, фундаменталните слободи, почитување на човековите права и достоинство и владеењето на правото“. Во истиот член, имплементацијата на договореното се поврзува со обврските кои секоја од државите ги презела со прифаќањето на низа меѓународни договори (Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, Меѓународната конвенција за елиминација на сите форма на расна дискриминација, Конвенцијата за правата на детето, Документот од состанокот во Копенхаген на Конференцијата за човековата димензија на Конференцијата за безбедност и соработка во Европа, Париската повелба за нова Европа…).

Ова значи дека спогодбата не може да се интерпретира, ниту пак да се применува на таков начин кој е спротивен на веќе прифатените (од страна на двете држави) вредности и обврски поврзани со заштитата на човековите права и основни слободи.

Во самата спогодба има и многу конкретни решенија кои се јасно поврзани со заштитата и промоцијата на индивидуалните права и слободи.

Како прво, направено е многу јасно разликување меѓу јавната и приватната сфера. Во документот се зборува за: промени поврзани со официјалните документи, официјалниот настап на државата и употребата на името од страна на официјалните органи и се гарантира приватната употреба на било кој од термините. Во членот 7 се истакнува дека: “Ниту една одредба од оваа Спогодба нема за цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни“.

Тоа значи дека во приватниот луѓето можат да си се викаат Македонци и антички Македонци и Хунзи и …, и да се идентификуваат со било кој идентитет за кој мислат дека претставува врска со нивното потекло без никакво ограничување.

Во спогодбата има и многу конкретни мерки со кои се штитат човековите права: се гарантира највисока можна заштита на сопствените граѓани, се забранува говорот на омраза (член 6), се промовира слобода на движење (член 12 и 14), заштитата на животната средина и зачувувањето на природната средина се издигнуваат на ниво на приоритет (член 14), се промовираат и гарантираат културните права (член 15), се прифаќа концептот на човековата безбедност.

Спогодбата е алатка. Како и секоја друга алатка може да биде употребена и злоупотребена. Меѓутоа, во самата спогодба има вграден контролен механизам – границата на секое делување е исцртана по линијата на заштитата на човековите права и основни слободи.

Токму ова, според мене ја прави спогодбата и соодветна и корисна.

Извор: Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...