„Сите за правично судење” поради долгите рочишта за 27 април повикува судот подобро да ги менаџира судењата

566

Коалицијата Сите за правично судење повторно ја истакнува својата загриженост во однос на динамиката на одвивање на рочиштата за главна расправа во врска со предметот за настаните од 27 април, каде се поставува пракса рочиштата да траат повеќе од 8 часа. Дополнително, Коалицијата ја загрижува официјалниот став на Основниот Суд Скопје 1, според кој ваквото постапување е со цел да не биде нарушено правото на судење во разумен рок, а кој став е спротивен на праксата на Европскиот суд за човекови права, реагираат од оваа организација откако викендов од Кривичниот суд излегоа со соопштение дека маратонските рочишта се крација на адвокатите на одбраната.

Ова е втора реакција на Коалицијата за овој предмет во која ја посочуваат пресудата на Европскиот суд за човекови права кој во случајот Макфи против Франција едногласно утврдил повреда на членот 6 од Европската конвенција за човекови права. Во конкретниот случај станувало збор за кривична постапка водена пред суд во Франција, а која била завршена по одржување на две рочишта од кои едното траело повеќе од 15 часа (вклучувајќи ги и неколкуте паузи од над 30 минути). Токму поради тоа ЕСЧП едногласно констатирал дека е повредено правото на правично судење, правото на одбрана и еднаквоста на оружјата.

„Европскиот суд за човекови права во пресудата едногласно констатира дека не само обвинетите, туку и нивните бранители треба да бидат способни да го следат процесот со полна концентрација и внимание, со цел да може да поставуваат прашања, да даваат одговори, да поднесуваат приговори и слично, а кои ЕСЧП смета дека биле нарушени поради замор предизвикан од долгото траење на рочиштето. Исто така, Европскиот суд за човекови права смета дека е суштински судиите и поротниците да имаат полна контрола, концентрација и внимание како би можеле да донесат информирана, оправдана и образложена одлука. Коалицијата веќе неколку пати реагира со цел да укаже на губењето на квалитетот на процесот на сметка на брзината на процесот, што беше анализирано преку правото на судење во разумен рок, правото на адекватно време и простории за подготовка на одбраната (особено кога обвинетите се во притвор), како и способноста на учесниците во постапката соодветно да ја презентираат својата теорија на случај, но и способноста на судот да ја следи расправата со должно внимание”, пишува во реакцијата.

Од Коалоцијата предупредуваме на фактот дека е неопходно да се зголеми внимателноста при постапувањето на судот во секој сегмент од постапката, особено ако интенција е задржување на кредибилност на целокупниот судски процес и поставување на стандарди за објективност и еднаквост за сите, согласно меѓународните стандарди за фер и правично судење.

„Оттаму, Коалицијата се повикува на членот 6 од Европската конвенција за човекови права, поточно на начелото на судење во разумен рок, кој рок е релативен согласно на големината на доказниот материјал и инволвираните лица. Овој рок не подразбира судењата само да се одвиваат со голем интензитет и брзина на постапката, туку предвидува разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се овозможи адекватна подготовка на сите учесници во постапката”, наведуваат од организацијата.

Оттаму ги повикува судечкиот совет на предметот, претседателот на Основен суд Скопје 1, Врховниот суд и Судскиот совет на РМ да направат обиди за воедначување на судската пракса, како и да посветат внимание на менаџирањето и организацијата на судските процеси кои се одвиваат во судовите, а сé со цел да се овозможи почитување на начелата за фер и правично судење, еднаквоста пред законите и предвидливоста на процесите, што во крајна линија, како што велат, директно влијае на зголемување или намалување на јавната доверба во институциите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...