Ако сметав дека треба да биде повикан Никола Груевски да сведочи за 27 април, ќе го повикав. Тој дента не беше во државата. Не знам на кои околности ќе го испрашува одбраната ако го повика да сведочи, рече обвинителката го случајот за крвавиот четврток Вилма Рускоска одговарајќи на новинарско прашање дали го предложила поранешниот премиер да биде сведок во постапката.
Во изјава за медиумите Рускоска посочи дека во интерес на обвинетите е судската постапка да заврши што побргу.
– Не е точно дека рочиштата траат и по 13 часа, го следите судењето, знаете дека има долги пауза. Со ништо не е нарушено правото на одбрана на обвинетите. Бидејќи сите на почетокот се изјаснија дека не се виновни, тогаш во нивен интерес е да се заврши постапката за евентуално да докажат и да можат што побргу да бидат ослободени – изјави обвинителката.
Таа зборуваше и за преквалификација на делото кое им се става на товар на обвинетите- терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое рече дека е истото уште од отворањето на истрагата и не е точно дека првично било тероризам.
Случајот бил ставен на колегиум пред обвинители и од републичкото и од вишото јавно обвинителство, рече таа, и сите обвинители застанале зад мислењето дека станува збор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.