Обезбедувањето на Спасовски со солзи во очите: Ѓорчев како Господ ги молеше да не нѐ напаѓаат

4208

Член на обезбедувањето на Оливер Спасовски, Ацо Ангеловски, човекот кој на 27 април лани пукаше во таванот од прес центарот во Собранието е првиот сведок кој денеска сведочи на судското рочиште за случајот со крвавиот четврток.

Тој кажа дека дента бил надвор од Собранието, а влегол внатре кога колегата Сашо Тасевски повикал помош. Во емотивно сведочење со солзи во очите тој во судницата раскажуваше што се случувало на 27 април.

Кога влегол во прес центарот каде беа Спасовски и другите пратеници, имало многу граѓани меѓу кои, како што рече, многу носеле фантомки на главата. Ангеловски застанал пред Оливер Спасовски да го штити бидејќи масата, рече тој, била многу насилна и мавала со што ќе стигне.

– Работеа под команда. Тоа е мој впечаток. Од мојата лева страна слушав кога некој даде наредба: Убијте ги. Масата одеднаш тргна кон нас. Бидејќи не можевме да се одбраниме ја извадив значката и викнав: ,,Полиција отстапете”. Се оглувеа на тоа. Го извадив пиштолот и испукав еден куршум. Тоа го направив согласно овластувањата од Законот за полиција. Пред да испукам водев сметка да нема рикушет на куршумот. Бидејќи 10 години работев во Собранието и знаев кога се реновираше прес центарот дека горе е гипс картон и претпоставував дека нема ништо лошо да се случи. Кога испукав масата отстапи. Тие повторно не нападнаа. Дејствијата ги насочија кон мене. Пред мене застана граѓанин со фантомка, му ги гледав само очите. Ми удри 4 бокса и ми ја расцепи горната уста – раскажа Ангеловски.

Сведокот кажа дека набргу по истрелот во прес центарот дошол пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој познавал дел од насилниците, повикал четворица и тие заедно со него застанале како жив штит.

Бидејќи ги штител пратениците, раскажа сведокот, на Ѓорчев му викале: ,,Влатко и ти ли се предаде?”, ,,Те купија ли и тебе?”, ,,И ти ли стана комуњар?”.

– Бидејќи долго работев во Собранието, се знам со Влатко и му реков:„Немој да не оставиш. На што тој рече: Не Ацо, ќе останам до крај со вас. После некое време дојдоа четворица Алфи и ни рекоа да не изнесат. Бидејќи немав верба во никој реков дека не си одиме додека не дојде некој од специјалните единици. Влатко како Господ ги молеше да не не напаѓаат веќе. По 15-тина минути се слушна експлозија, дојде специјалната единица направија кордон и не однесоа во канцеларијата на Влатко Ѓорчев – рече Ангеловски.

Одговарајќи на прашања на адвокатите, тој кажа дека откако испукал куршум, му се доближил еден од припадниците на МВР зА кои претходно кажа дека биле во салата покрај ѕидот и не преземале ништо, и се обидел да му го земе пиштолот по што Ангеловски го ставил во футрола и му рекол како не му е срам што како колега не им помага.

Сведокот бил еден од најтешко повредените на 27 април, па затоа заедно со Радмила Шекеринска биле евакуирани со првото амбулантно возило. Во возилото, како што рече, пред Собранието слушнал силен удар.

– Искрено мислев дека е ракета. Граѓаните ја откорнале вратата на Брзата помош, возачот се исплашил и избегал. Тогаш седна член од обезбедувањето на Никола Тодоров кој тогаш беше министер за здравство, и тој го возеше возилото на Брзата помош – рече Ангеловски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...