Со подземни тунели под Кале и нов мост преку Вардар ги спојуваме двете страни на Скопје, изјави градоначалникот Шилегов кој со видеопрезентација пред новинарите денеска го најави почетокот на постапката за проектирање на проектот „Тунелите под Кале“.
– Продолжувањето на булеварот Свети Климент Охридски, со мост над реката Вардар, со тунел под Скопското кале и поврзување со булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) ќе ја зголеми мобилноста и протокот на возила и ќе има позитивни еколошки ефекти од намалената емисија на гасови и бучава – рече Шилегов.
Тој објасни дека постои можност за изведба на сообраќајницата во фази:
– Првата фаза – булевар Свети Климент Охридски од пред раскрсницата со булеварот Илинден со изградба на мост и вијадукт до тунелот. Втората фаза – тунелот како посебен и третата фаза – булевар Свети Климент Охридски и раскрсница со булевар Никола Карев- појасни Шилегов.
Целта на Град Скопје со овој проект е да го поврзе булеварот Свети Климент Охридски со Пластичарска улица во Чаир.
Булеварот ќе биде издигнат на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата на РМ сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри, и ќе има четири сообраќајни ленти.
Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри се до влезот во тунелот под Калето.
Новото решение, како што беше речено на прес -конфернецијата, ќе го растовари сообраќајот во западниот дел од градското подрачје.
Оската југ-запад ќе стане пофункционална, а се очекува голем дел од возилата кои транзитираат кон северните делови на градот да се движат по новоизградената сообраќајница.