Хорхеху акбар!

Гнев, омраза и верски клетви се блујат на сите страни, Агатангел и Мицкоски се во дантеовска „мртва трка“ околу пеколните описи на Апокалипсата што ќе ја снајде Македонија успее ли референдумот. Како да сме во некој мрачен, среден век, пред да се измисли пеницилинот што може да излечи и настинка на мозок.

3245

Додека Зоран Заев во Вашингтон ги примаше изразите на поддршка од потпретседателот на САД за македонската официјална прозападна политика, еден друг македонски врвен претставник на државата отиде во САД за таму, пред репрезентативната македонска националистичка дијаспора, да ја формализира својата лидерска позиција на антизападното движење во Македонија. Тие, во ирански стил, се залагаат за смрт на САД и на нејзината глобална политика. Хорхеху акбар!

Всушност, претстојниот референдум е токму наменет за поддршката на таа западна демократска ориентација за Македонија: да може и, барем формално, највисок државен функционер на некоја земја да отиде во Вашингтон, Лондон, Берлин или Париз и таму, буквално, да чучне и обилно да се олесни врз политиките и заложбите на западната демократија, а тие земји да му обезбедат протокол и обезбедување за комотно да ги бербати нивните кристално јасно формулирани интереси во однос на земјата што ја претставува односниот функционер.

Оти, замислете некаква обратна ситуација: да отиде највисок функционер на Македонија во Москва, на пример, и таму јавно, пред публика, да агитира за интересите на НАТО и против интересите на Русија?! Што мислите, како ќе си помине? Па, Русите комерцијално летаат до Лондон за да стават плутониум во чајот на оние кои ги сметаат за непријатели на нивните интереси; за антируско однесување во самата Москва, пак, ќе ви го начукаат плутониумот анално, во вид на штангли за нуклеарен реактор. Ако ве штити дипломатски имунитет, ќе ви намачкаат вазелин, од почит кон Виенската декларација за регулирање на дипломатските прашања.

Тоа е таа мала разлика околу која идниот викенд ќе се решава долгорочната судбина на Македонија. Влоговите се толку големи, што не остана меѓународен пријател на Македонија, без разлика на својата домицилна конзервативна или социјалдемократска политичка ориентација, што нема да ни се обрати макар со писмо или преку видео порака. Таа богата библиотека на меѓународна поддршка е преседан во модерната историја на оваа нација и држава, нешто што ќе остане да живее и да се проучува и откако референдумот и уставните промени ќе бидат далеку зад нас.

Тоа, очигледно, ги вади од такт противниците на референдумот. Колку што е меѓународната поддршка поголема и колку што е пооптимистичка самата домашна кампања за излегување на референдум, толку се радикализира речникот на оние кои хистерично повикуваат на крв и одмазда против референдумот. Гнев, омраза и верски клетви се блујат на сите страни, Агатангел и Мицкоски се во дантеовска „мртва трка“ околу пеколните описи на Апокалипсата што ќе ја снајде Македонија успее ли референдумот. Како да сме во некој мрачен, среден век, пред да се измисли пеницилинот што може да излечи и настинка на мозок.

Се плашам дека нема да успее овој голем, колективен напор ВМРО-ДПМНЕ повторно да не остане на маргините на македонската прогресивна историја. Дури и да се согласиме дека историјата, во смисла на коректно утврдување на фактите и контекстите од минатото, не постои, туку дека е тоа само прашање на интерпретации на изминатите настани што ги прават победниците во историските процеси, овде сепак нема да може да се направи ретро-корекција на самоубиствените политики на сегашното раководство на македнската, вмровска, опозиција. Застанале на работ од десетокатница, а ние ги молиме да не се фрлаат, дека Македонија ќе ја има и по успешниот референдум и дека тоа не е ништо страшно, они пак ќе може да си бидат разочарани и навредени, ама барем живи…

Чудна е таа привлечна моќ на депресијата. На Запад тоа, колку-толку, се лечи. На Исток се потиснува и крие, бидејќи е срамота да се мисли дека си депресивен. Ете уште една причина да се излезе на референдумот!

Извор: Цивилмедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...