Сите ќе се радуваме на историската одлука која доаѓа пред нас, на 30 септември. Сите сме свесни пред колку исправна одлука сме соочени и дека оваа чест е токму на нашата генерација. Убеден сум во нашиот народ, дека имаме горд, одговорен народ и дека ќе води грижа и за својата Македонија, но и за своите деца и поколенија кои доаѓаат по нас.
Ова попладнево на трибина од Гевгелија на коалицијата „Излези за Европска Македонија“ го изјави премиерот Зоран Заев.
– Точно е дека направивме компромис. Ама компромисот го движи светот. Компромис правиме секој ден, сите, на работа, дома… И вистината за договорот е целосно обелоденета и не треба да бегаме или да се криеме од неа. Затоа што имаме фер и праведно решение. Знае Гевгелија и знае цела Македонија дека од историскиот регион Македонија, ние сме северниот, горниот дел. Учевме во учебници, дедовци, прадедовци ни кажуваат така – посоли Заев.
Говорејќи за придобивките од договорот со Грција, Заев рече дека е најдобар, фер и правичен. Потенцира дека со него знаевме што треба да зачуваме и да ги постигнеме сите цели за кои се бореле нашите прадедовци.
– Добивме земја признаена од целиот свет, јазик, идентитет и создадовме пријатели од непријателите и токму тие сега се залагаат за Македонија интегрирана во Европа. Заслужуваме да бидеме дел од Европа на која чекаме 27 години. Треба ли да чекаме уште толку – запраша Заев и повика да не губиме повеќе ниту ден оти ја имаме привилегијата да бидеме интегрирани во ЕУ и НАТО.
Заев посочи дека и во 1991 година не било лесно да се донесе одлука и дека овој референдум е исто така важен затоа што сега треба да ја осигураме нашата земја интегрирана во ЕУ и НАТО и да направиме европски живот овде во Гевгелија и во нашата Македонија.
– Немало митинг во Гевгелија да не дојде политичар и да вети европска иднина за Македонија. Еве ни ја шансата на дланка сега и верувам дека ќе ја зграпчиме заедно. Верувам во својот народ и убеден сум дека заедно ќе им ја обезбедиме европската иднина на нашите деца – посочи Заев.
Премиерот посебно упати покана до младите затоа што иднината останува на нив и ги повика да не го преспијат тој ден затоа што, како што рече, нема друга алтернатива и план „Б“ за европска иднина.
– Ве повикувам уште рано наутро на 30 септември да ја грабнете европската иднина, на денот на којшто не се седи дома и што ќе биде запишан како нов ден на македонската историја – рече Заев на трибината во Гевгелија.