Често одам во кино, ги поддржувам независните филски проекти и младите режисери, истакна на мастер клас во Битола, актерката Клаудија Кардинале, годинашен добитник на специјална златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност.
Кардинале која е во својата осма деценија од животот, пред битолчани и гостите на ИФФК „Браќа Манаки“ ги опиша филмските почетоци, бројните филмски остварувања, како и партнерите во филмовите со кои како што рече нема нити една љубовна афера.
– Имав можност за филмска кариера во Холивуд, но не сакав да останам во Америка. Соработката со Федерико Фелини и Пјетро Џерми ме лансира во светот на филмот, во тој свет во кој што најтешко беше во филмот да си една личност, а потоа во реалноста своја. Играв во многу филмови, никогаш не се разголив и никогаш не го продавав своето тело. Немам нити една афера со нити еден актер – рече Кардинале.
На мастер класот во Битола италијанската филмска дива потсети на филмовите со Ален Делон, Берт Ланкестер, Хенри Фонда, Чарлс Бронсон, но и со Брижит Бардо, за која рече дека и била идол, а не филмски противник.
– Немаше дуел меѓу Б.Б. (Брижит Бардо) и Ц.Ц. (Клаудија Кардинале), напротив таа ми беше идол и со задоволство го паметам филмот што се снимаше во Тунис, а во кој ние заедно учествуваме – посочи Кардинале, која во својата филмска кариера има 150 улоги.
Во чест на актерката Клаудија Кардинале, вечер во големата сала на НУ Центар за култура-Битола, во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде емитуван филмот „Благородни лаги“.