Македонија на чекор да стане членка на Европската унија за животни

222

Со 830 учесници, од 365 институции, во изминатите пет дена во Атина се одржа годишната конференција на европската асоцијација на зоолошки и аквариуми (ЕАЗА). Македонија и овој пат имаше свои претставници и полека, но сигурно чекори кон членство во ЕАЗА.

Дописничката на МИА од Атина, поразговара со Војо Иванов, zookeeper, односно зоо неговател, во скопската зоолошка градина кој заедно со биологот и кураторот од нашата зоолошка, присуствуваа на конференцијата.

Процесот до членството на Македонија во асоцијацијата, вели Иванов, е сличен како и оној за членство во Европската унија. Потребно е да се исполнат одредени услови и критериуми.

– Тенденцијата сега е да имаме европска зоолошка градина, тоа ни е мотото, а и се поклопува и со нашето влегување во ЕАЗА. ЕАЗА е европска асоцијација за зоолошки и аквариуми, на народен јазик кажано, тоа е Европска унија за животни. Не сме членки веќе 10 години, се трудиме, но.. Тоа е исто како и со Европската Унија. Имаме услови кои што не ги исполнуваме. Ние сме редок пример на Балканов што докажавме дека и со многу пари, најмногу од сите зоолошки што успеале да рекетираат од политичката власт, ние како институција имаме скоро 10 милиони добиено и сѐ уште ги немаме оправено работите – објаснува Иванов.

Тој вели дека проблемот не е во финансиските средства, туку во недостигот на кадар, на познавачи, негователи, луѓе од акција и посветеност.

– Најглавен фокус и поента во моментов од ЕАЗА е дека треба да работиме со zookeeper-и. Да го зголемиме бројот на луѓето што ќе работат со животни, да го едуцираме кадарот, затоа сега ни направат академии за да го едуцираме, но и да го мотивираме кадарот. Мотивацијата ќе ја направиме ние, а за едукацијата, академиите ќе ни помогне ЕАЗА, а за бројката ќе треба да бараме од власта да ни одобри вработувања, кои што понатаму ќе ни бидат за нови негователи во зоолошка. Таа свежа крв ако не ја ставиме, ќе си биде истата приказна – коментира Војо Иванов.

Во однос на тоа кога Македонија би можела да стане членка на ЕАЗА, Иванов вели дека иако директорот на зоолошката не сака да калкулира со термини и рокови, неговата лична проценка е дека може тоа да се случи во следната година. Нашата земја на патот до членство има свој ментор, Холанѓанец со големо искуство, кој помага, сугерира што треба да се подобри, што треба да се промени.

– Менторот прави проценка дека во следнава година ќе треба да направиме работи со кои ќе се докажеме, работи што ќе ги промениме и ќе треба да станеме членки на ЕАЗА. Но, ако на ова се застане нема да се сменат нештата, повторно зависи од луѓе, повторно зависи од нас, јас сум само 1 месец, директорот е 3 месеци. И двајцата сме прилично падобранци во системот и кога јас него му ги кажувам забелешките тој ми вика: „Па добро зарем заради ова не сме членки?“ Значи дури не му се верува, на еден менаџер кој доаѓа од друг сектор, како може за вакви банални работи да не се влезе во ЕАЗА од која има многу придобивки – потенцира Иванов.

Зоо негователот или како што самиот преферира да го користи терминот zookeeper, објаснува дека е голема штета што скопската зоолошка и покрај 90 годишното искуство „нема никакви записи, не постои архива, не постои публикација, не постои никаква книга збирка, нешто што како институција од едукативен карактер е издадена“.

– Во последниве 10 год се изгубени, уништени сите стари објекти на зоолошката, направени се нови, супер се, но зошто старите не се зачуваа како симбол на изминато време. Овде ги репарираат и чинат три пати поскапо отколку да направиш нов објект, само за да го зачуваат старото и утре да се гордееш со некоја историја, да раскажуваш приказни. На тој начин да едуцираш. Што да каже Белгија што во 70.те години имала црни луѓе и Азијати во зоолошките. Human zoos ги викале, тие меѓу зебри, жирафи и лавови, имале црни деца. Human zoos било многу популарно во Европа во 50.те, 60.те, веќе во 70.те години ги затвориле. Дури и сакале негователите да им се такви различни за да привлекуваат посетители и тие и ден денес го ставаат и го признаваат тоа, ја покажуваат еволуцијата  – објаснува Иванов.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...