Жерновски ќе учествува на Генералното собрание на ОН во Њујорк

178

Заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, од утре ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе учествува на 73-та сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, соопшти МНР.

Предвидено е Жерновски да учествува на билатерални средби со високи претставници на држави и влади, учесници на Генералното собрание.

На 25 септември, на покана на Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, Жерновски ќе присуствува на традиционалната годишна Трансатлантска вечера.

На покана на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, заменик министерот ќе присуствува на работна вечера со Претседателите на Владите на земјите од Западен Балкан, како и на работниот појадок со мнистрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан, организиран од страна на Регионалниот Совет за соработка.

За време на Генералната дебата на ОН,  Жерновски ќе присуствува и на Мировниот самит Нелсон Мандела 2018, како и на состаноците на министрите за надворешни работи организирани од страна на Централно Европската Иницијатива и на Јадранската повелба.

Фокусот на активностите на Жерновски, покрај темите од агендата на ГС, ќе биде ставен врз билатералната соработка, напредокот во реализацијата на стратешките надворешно-политички цели на РМ, со акцент на промовирање на новиот пристап во решавањето на билатералните и регионалните прашања, и во тој контекст на преземените активности, реформите на национален план, итн.

Посебен акцент ќе биде ставен на афирмација на придобивките од договорот со Грција за надминување на разликата околу името, вклучително и на низата активности во рамките на ОН што би следеле по неговото стапување на сила.

Воедно ќе се афирмираат започнатите активности за забрзување на реформските процеси што се основа за членството на РМ во ЕУ и НАТО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...