Македонско издание на грчката книга „10+1 прашања за македонското прашање”

Книгата им даде аргументи на луѓето кои што беа подготвени да сфатат и да се постават малку критички кон грчката бескомпромисност, вели еден од авторите.

579

Во Скопје вечерва ќе биде промовирана книгата „10+1 прашања и одговори за македонското прашање“ од Костис Карпозилос и Димитрис Христопулос.

Во април годинава беше официјалната промоција во Атина, а пет месеци подоцна, грчката книга „10+1 прашања за македонското прашање”, вечерва ќе биде промовирана во Скопје, преведена на македонски јазик.

Авторите на книгата професорот по политички науки и историја на атинскиот Универзитет „Пандио“, Димтрис Христопулос и историчарот и претседател на Архивот на современа општествена историја, Костис Карпозилос, во форма на прашања и одговори, на разбирлив и едноставен начин, ги разрешуваат главните дилеми околу Македонија и спорот со името.

На промоцијата во грчката престолнина, во разговор со дописничката на МИА од Атина, авторите најавија дека започнале процес, книгата да се преведе на македонски, а сега во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, „10+1 прашања за македонското прашање”, доби македонско издание.

Промоцијата на книгата е закажана за денес, во Салон 19.19 во 19.30 часот, а освен авторот, професорот Христопулос, ќе говорат и филозофот Михалис Барцидис, Ирена Стефоска, Љубомир Фрчковски и Уранија Пировска.

Неколку часа пред заминувањето за Скопје, дописничката на МИА од Атина, поразговара со еден од авторите на книгата, со професорот Христопулос, кој вели дека потребно е народите од двете земји да се запознаат подобро, а грчката страна да го напушти митот од изминатите години.

Во однос на Договорот од Преспа, професорот вели дека ако нема наметнување на позициите на едната страна и ја отсликува вистинската волја и на двете земји, тогаш е добар, додека пак во однос на претстојниот референдум, неговиот став е дека успешно ќе помине.

Професоре Христопулос, како дојде до тоа книгата да се преведе на македонски јазик?

– Јас сметам дека преводот на книгата помага во целта што ја има книгата, едниот народ да му се приближи на другиот, Грците да сфатат како соседите го доживеаја она што се случуваше во изминатите 28 години, но и Славомакедонците, во главно, да сфатат, мислам дека Албанците не ги интересира толку, што е она што го водеше грчкиот апсурд. Ова го кажувам, бидејќи ако некој не ја знае Грција, многу лесно може да мисли дека овде се појави заговор за распаѓање на државата. Одговорот, за оние кои знаат е дека не постоеше таков заговор. Многу мал беше бројот на тие што повремено споменуваа такви работи. Причината е што беше направен голема дипломатска грешка.

Книгата е едноставна, реална и објективна, сметате дека помогна во Грција за луѓето да сфатат одредени работи, кои можеби и не беа толку познати и јасни?

– Книгата им даде аргументи на луѓето кои што беа подготвени да сфатат и да се постават малку критички кон грчката бескомпромисност. Тајмингот на издавањето на книгата беше многу клучно, бидејќи во април се готвеше договорот и во суштина она што го прави книгата е на едноставен начин на пошироката јавност, се обидува да каже некои работи кои во Грција беа покриени со мит. Да ги демостифицираш овие работи, на едноставен начин на народот да му претставиш еден историски став што тешко се оспорува, па оттука луѓето да почнат да се запознаваат со некои ситуации и вистини. Еден таков случај, на пример е дека постои македонски јазик или дека постои македонска нација. Она што јас се обидувам да им го објаснам на пријателите во Скопје, но и во другите градови е дека во Грција, постои сфаќање за нацијата дека тоа е нешто како чиста раса на куче. Нацијата како реален факт на една свест, во Грција не е разработено. Ние имаме една поговорка која вели дека е потребно време и трпение за да се постигне целта и полека полека да се сменат работите.

Какви беа реакциите за книгата? Претпоставувам дека постоеја и позитивни и негативни. Ако треба да ги ставите на вага, кои преовладуваат?

– Оваа книга, освен фактот дека може да се карактеризира како смела, за она што го вели за грчката страна, негативните реакции не беа големи, можеби затоа што е урамнотежена книгата, не провоцира, не ги провоцира Грците, се обидува да разговара со оној што сака да го слушне другото мислење. Секако дека постоеја реакции и на социјалните мрежи, но генерално, имаше седум промоции на книгата и сите беа позитивни, не постоеше нешто интензивно против книгата. Нешто што покажува, она што ви кажав дека полека полека нешто се менува и тука.

Последен пат кога разговаравме, беше на промоцијата на книгата во април и тогаш дискутиравме дали ќе постои решение, во тек беа преговорите, сега веќе договорот постои. Како ви се чини Договорот од Преспа?

– Ако договорот го отсликува вистинското совпаѓање на волјата на двете страни, односно двете страни велат, во ред, јас го давам името на државата, но го задржувам името на нацијата, јас ти го давам името на нацијата и задржувам нешто друго, ако ова е автентично и искрено, тогаш договорот ќе издржи. Ако во еден договор само едната држава на агресивен начин и наметнува на другата, нема да издржи.

Пред нас е референдумот на 30ти септември. Што очекувате?

Мислам дека добро ќе помине. Мислам дека, иако не ги следам толку блиску македонските политички работи, мислам дека не постои голема опасност. Како и да е, една четвртина од луѓето, Албанците сакаат да влезат во НАТО, другото за нов е од второстепено значење. Славомакедонскиот дел е некако повеќе поделен, но гледаме дека притисоците и во ВМРО донесоа резултати.

Доколку успешно заврши референдумот и се направат уставните промени договорот доаѓа во грчкиот парламент. Ќе помине? Ќе постои потребното мнозинство за ратификација?

– Ќе помине. Бројките се тие. Се гледа дека сите од СИРИЗА и од Река и некои сојузништва направени од владата, даваат едно парламентарно мнозинство кое што е на граница, но постои. Ова е моето мислење.

Според Вас, какви перспективи отвора договорот?

– Да започне процес на меѓусебно разбирање, она што претходно го споменавме. Гркот да сфати како се чувствува Македонецот, како ги доживуваше ова 30 годишно отфрлање, да влезе во кожата на другиот, ова е најтешкото што треба да се направи, но треба да се направи. Луѓето тука да научат за вашата земја. Вие ја знаете Грција затоа што одите на одмор, но не ја знаете сериозно, ги знаете само плажите, но сепак нешто знаете. Овде, ако ги тргнеш настрана општините од Северна Грција и луѓето што одат во продавниците и на стоматолог во Битола и во Гевгелија, не постои блискост. Еден просечен Атињанец, еден просечен жител на Пелопонез или Крит, не знае. Потребно е да има приближување, да дознаеш за другиот, да го демистифицираш.

Неколку часа пред заминувањето за Скопје на промоцијата на книгата , која е пораката што би ја упатиле?

– Пораката е дека затворивме една страница која што беше многу болна. Отвораме нова страница што не е толку болна, во смисла на тоа дека веќе постои елемент на признавање на достоинството на другиот, нешто што недостигаше толку време. Но, потребна е работа, работа и на ниво на влади и на ниво на локалната самоуправа, но и на ниво на граѓанско општество, на универзитети на здруженијата итн. Тешкото е зад нас, но уште имаме пат пред нас.

Како што во април објави МИА, книгата „10+1 прашања и одговори за македонското прашање” беше промовирана во просториите на Стопанската комора во Атина, во преполна сала и во присуство на голем број пратеници и поранешни министри од СИРИЗА, но и претставници од други грчки политички партии. Поздравен говор упати и претседателот на грчкиот Парламент, додека пак новинари, професори и авторите на книгата за време на презентацијата дебатираа околу македонското прашање, како низ историјата, така и сега.

Сања Ристовска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...