Данило Коцевски: Скопје е помудро од нас

Историчарот Плиние Постариот, кој живеел во времето на Скупи, велел дека тој град потсетува на Рим, особено според местоположбата и неговата распосланост на неколку ритчиња кои потсетувале на вечниот град.

429

Скопје бележи се во својата меморија, и доброто и лошото, тоа не може да биде прелажанo, измамено. Ако некогаш од својата невнимателност или од својата нестручност му нанесеме штета, тоа се меморира, ништо не заборава. Можеби во еден миг кога сме несовесни и немарни кон него, тој ќе потклекне, но секогаш повторно ќе изнајде начин да се крене, да закрепне. Градот е мудар, многу помудар од нас кои живееме во него. Не можеме да го излажеме, дури и да го сакаме тоа, свесно или несвесно. Градот секогаш ќе најде начин да ги исправи или барем да ги ублажи нашите грешки и непромислености.

Ова го вели Данило Коцевски кого го нарекуваат најпознатиот и најревносен хроничар на Скопје од крајот на 20-ти и почетокот на 21 век.

Подемот на Скопје

Според Коцевски, eдна плејада на скопјани има придонесено за развојот на главниот град многу успешно и тоа низ целата негова историја.

– Скопје во архитектонско-урбанистичка смисла својот процут го доживува особено по Првата светска војна и во периодот меѓу двете војни. Тогаш е направен и првиот модерен урбанистички план во 1914 година. Меѓу двете војни Скопје доживува своевидна ренесанса, не само архитектонско-урбанистички, туку ренесанса и во областа на општествениот живот, модата, занаетите и претпријатијата кои полека се развиваат во индустриски капацитети. Старата мода „а ла турка“ од почетокот на 20 век преоѓа во „а ла франга“, со модерни кројки, модерно облекување. Скопските дами и скопските фраери веќе поинаку изгледаат при шетањето на корзото на плоштадот. Се следат трендовите и настаните во странство, се консултираат списанија, европските збиднувања – ни раскажа Коцевски.

Својот вистински бум Скопје го доживува со еден од најпознатите градоначалници во неговата историја, тоа е архитектот Јосиф Михајловиќ кој потекнува од Западна Македонија (с. Тресонче), но е светски образован интелектуалец и архитект, англиски ученик. Тој за градоначалник на Скопје дошол во 1929 година, а потоа во два мандата бил избиран за оваа функција. Држел предавања и трибини во градот од областа на архитектурата, за тоа како би требало да се развива градот, што му недостасува, во кој правец би требало да се насочат неговите традиционални и новите вредности, со една стручна елаборација и творечка визија.

– Тоа била убава практика која, за жал, со текот на времето, се повеќе исчезнувала. А таа би требала да биде алфа и омега во осмислувањето на архитектонската естетика на градот – вели Коцевски.

Во негов период се градат Офицерскиот дом, Народната банка, Стопанскиот дом или подоцнежниот Метропол и НАМА и многу други капитални објекти. Се градат скопските палати, кои се извонредни архитектонски решенија затоа што ги граделе врвни архитекти. Освен Ристиќевата палата, приближно во тој период градени се палатите на Икономови, Настеви, Тодорови, на семејството Дикиџијан, тоа е Арапската куќа, на семејството Шкаперда, зградата во која денес се наоѓа Италијанската амбасада, Кранговата палата, палатата Мацура на плоштадот итн.

– Она што скопјаните можеби помалку го знаат, а што ние не знаеме да го искористиме во убавата смисла на зборот и да го пропагираме е фактот што самиот Јосиф Михајловиќ изградил своја куќа. Може да се рече еден вид палата, која била најсовремено и најмодерно опремена, го користела архитектонскиот стил на куќите од Западна Македонија бидејќи самиот потекнувал оттаму. Замислете таа куќа за среќа и денес постои, но ние за целиот повоен период не знаевме убаво да ја искористиме. Едно време беше ресторан-кафеана, па не беше тоа, беше нешто друго итн. Се наоѓа во близина на Мустафа пашината џамија, над Музеите на Македонија, под Калето. Таа била негов дом, една од првите која имала парно греење, била најсовремено уредена и со ѕидно сликарство на Лазар Личеноски. Кога доаѓале високи гости од странство во Скопје, Михајловиќ ја користел како резиденцијална палата на градоначалникот. Денес тој објект служи за потребите на една амбасада – рече Коцевски.

Тој ни посочи дека архитектите кои работеле на објектите во Скопје се бројни, како архитект Баумгартен, архитект Леко, архитект Злоковиќ, архитект Драгутин Маслаќ, архитект Артемушкин, Бељајевски и др.

Природни непогоди во Скопје

Скопје е подложно на земјотреси и на поплави. Кога тие се случувале, Скопје ги доживувало своите најголеми кризи како град и урбана средина. На пример земјотресот од 518 година во Скупи, кога градот морал да се пресели на Калето и од тој период од 6 век почнува да го носи денешното име. Имало земјотрес и во 1555 година, околу кој се води полемика дали и кога се случил. Во некои извори стои дека тој земјотрес се случил токму таа година и оти градот многу брзо закрепнал.

– Во земјотресот од 1963 година Скопје доживеа невидена катастрофа. Беше катастрофално разурнато и со помошта на светската заедница и учеството на многу светски урбанисти и архитекти, како што се Циборовски и Кензо Танге, градот доби поинаков, помодередн лик, бидејќи, како што вели еден мој колега – скопјаните ја имаа таа несреќа да го изгубат својот поранешен град и сега да живеат во два града, во оној на кој се сеќаваме и во овој современиот. Но, како што реков, никој не може да му го одземе духот, ниту природата ниту човекот… – нагласи Коцевски.

Хроничарот Коцевски ни појасни дека Скопје една од најголемите кризи ја доживува во 17 век, во 1689 година кога Пиколомини го запалил градот и кога тоа изгорело до темел. Тоа значаело катастрофа на следниве нивоа: губење простор за живеење, било уништено занаетчиството, трговијата, голем дел од жителите трајно се иселиле. Пред тоа офицерите на Пиколомини и самиот Пиколомини по својата убавина Скопје го споредувале со Прага.

– Скопје по катастрофата на Пиколомини не може долго време да закрепне. Таа криза на Скопје, која веројатно била една од најголемите во неговата историја без малку траела еден век и повеќе. Скопје почнува да зема здив дури на почетокот на 19 век. Тогаш почнува повторо да заживува производството, градот ја обновил својата сила – истакна Коцевски.

Тој првпат и за МИА соопшти уште еден куриозитетен податок.

– Не само со Прага, Скопје било споредувано и со Рим. Историчарот Плиние Постариот, кој живеел во времето на Скупи, велел дека тој град потсетува на Рим, особено според местоположбата и неговата распосланост на неколку ритчиња кои потсетувале на вечниот град -потенцира Коцевски.

Според истражувачите на Османлискиот период, се смета дека Скопје најголем просперитет или процут доживува во 16 век. Тогаш доживува голем подем во развојот како град, се развиваат повеќе производни области, се развива Чаршијата и Скопје тогаш има голема потреба од водни, рудни и други ресурси се додека во наредниот 17 век не било уништено од генерал Пиколомини.

– Ако одиме по историските факти, Скопје голем процут доживува и за времето на Јустинијан Први кој се смета дека е роден во овие краишта и потекнува од Таор и Бадар или Таурезиум и Бадеријана. Хроничарите на тоа време велат дека градот Јустинијана Прима кој го изградил Јустинијан пленува со своите објекти, кои се велелепни, со богатите пазаришта, со монументален водовод. Тоа се смета за голем процут на Скопје, иако денес се уште се водат полемики за тоа каде точно се наоѓала Јустинијана Прима. Но, врвни археолози меѓу кои и Артур Еванс, откривачот на Критско-Микенската култура во Грција, сметаат, сепак, дека Јустинијана се наоѓала во Чаршијата (Подградието). Иако постојат и други тези дека се наоѓа во некои од земјите во нашето соседство. Обично нашите сограѓани не знаат дека покрај Јустинијана Прва постоела и Јустинијана Втора, наречена Улпијана, која е откриена и лоцирана на Косово – рече Коцевски.

Скопје како град е поврзано и со времето на Цар Самоил, како и со востанијата на Петар Делјан и Ѓорѓи Војтех. Цар Самоил поради предавството на неговиот заповедник Роман, ја изгубил битката кај Скопје, под Калето, на самиот почеток на 11 век. Но, на Калето постојат траги од самоиловите ѕидини.

– Поради пространоста на Самоиловото царство, Скопје добило многу како град за развојот на трговијата. Во 14 век Скопје повторно доживува подем со Душановото царство, за веќе во 1371/2 година да потпадне под власта на Османлиите, кога почнува да добива ориентален лик. Помалку е познато дека турскиот заповедник на Скопје во 15 век, Иса-бег, е основач на градовите Сараево и Нови Пазар и дека во рамки на Румелиската војска учествувал во освојувањето на Цариград – ни раскажа Коцевски.

Скопје често било поплавувано поради реката Вардар која не била регулирана. Имало многу поплави во 18 и 19 век. Бројот на некои од поплавите за кои зборува Коцевски е навистина голем, онака како што тој ги наведува според годините: во 1778, 1858, 1897, 1937.

Коцевски ја издвојува поплавата од 1916-17 година кога се однесени сите дрвени мостови во Скопје, кои биле главните премини, покрај монументалниот Камен мост. Големи штети има направено поплавата од 1934-35 година и во тоа време се прави насипот, оној славен насип кој скопјани добро го знаат и кој и денес постои, во еден свој дел. Правени се и специјални брани во реката со помош на колци за да се регулира и насочи течениетио на Вардар.

– Поплавата од 1962 година исто така беше катастрофална и многу луѓе останаа без покрив на главата. Многу куќи и институции беа оштетени, важна документација пропадна во разни установи, особено во близината на реката Вардар. Дел од станбениот простор беше уништен. Во 1962 година се случи поплавата (во ноември), а веднаш потоа, во јули 1963 година земјотрес. Малку е познато дека од поплавата на Скопје околу 1.000 луѓе уште немаа обезбедено станови, а се случи земјотресот- вели Коцевски.

Традициите во Скопје

Данило Коцевски смета дека Скопје многу задржало од својата традиција благодарејќи на своите сограѓани кои грижливо ја чувале и негувале. Многу традиции се задржани, дури и во некои кризни времиња, пред се духовно-верските обичаи и празнувања.

Коцевски се потсети дека како млади секоја година оделе на полноќ, пред Велигден и воскреснувањето Исусово, во црквата „Св. Димитрија“ каде по традиција таа ноќ се одело масовно. Вели дека во Скопје Прочка има голема традиција, се одело на Калето, а во одредени маала и места во Скопје за овој празник младите оделе во два реда, при што се раѓале љубови и симпатии. Се потсети дека и по војната се положувало крст во водите, како и денес, но не така масовно, и на потсокриени места.

Од световните традиции, баловите имале голема традиција и пред војната и по војната. Во 1954 година студентите по медицина од љубов кон баловите и од слушањето за нив, во Офицерскиот дом го организирале првиот скопски бал.

Одбележувањето на Први мај, како што рече, беше голема традиција.

– Нас во осново училиште не подготвуваа за да учествуваме на Првомајска парада, какви што се одржуваа во Скопје и во другите градови во Југославија. Особено беше популарен Втори мај бидејќи Скопје има богата околина, извонредно богати излетнички места. Се одеше на Водно, на Скопска Црна Гора, Сарај, Матка, по течението на Треска… Дали била религиозна или световна, традицијата се негувала и почитувала – рече Коцевски.

Според хроничарот Коцевски, Скопје денес е голем град, каде има далеку побогат културен и забавен живот, многу места за излегување за разлика од порано.

– За жал, многу често се гради неплански. Не се води сметка за таа сфера, во иднина ќе треба многу повеќе да се стави ред, материјалното да не се става пред духовното и традиционалното. Зашто, рековме, градот меморира се, тој простува и не се одмаздува, но затоа ќе помине низ голгота и премрежиња за да го воспостави загубениот баланс, кој природата, а најчесто ние самите така комотно го нарушуваме – вели Коцевски.

Магдалена Ристоманов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...