Солана: Преспанскиот договор да биде инспирација за регионот заплеткан во спорови

За Солана Преспанскиот договор, доколку помине, ќе значи и спротиставување на „глобалното вртење кон шовинизмот“.

138

Во колумна објавена на „Проџект Синдикејт“, поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, Хавиер Солана, се осврнува на претстојниот референдум за договорот за името и значењето на оваа спогодба за решавањето на други билатерални спорови.

Преспанскиот договор, пишува Солана, „нуди одржлив модел за решавање на споровите на други места, бидејќи тој отелотворува сеопфатен пристап за решавање на конфликти врз основа на ветување за меѓусебно споделени долгорочни бенефиции“, давајќи го примерот на членот 15 од спогодбата со Грција кој се однесува на соработката во полињата на образованието, културата, технологијата, итн.

– Овој договор на страни со долгогодишен спор е инспирација за еден регион кој останува заплеткан во заглавени спорови околу етничките и националните идентитети. Балканот – и не само на Балканот – има потреба од нов наратив врз основа на вистинските приоритети на народот, што е токму она што го предвидува Преспанскиот договор – смета поранешниот шеф на европската дипломатија.

Како примери Солана ги наведува спорот помеѓу Косово и Србија како и политичките тензии во Босна и Херцеговина и Република Српска.

Но, смета Хавиер Солана, ако „неделата добро се заврши“, односно ако биде прифатен договорот од страна на граѓаните во Македонија, тој ќе врати надеж за регионот.

– Ако Преспанскиот договор покажува нешто, тоа е дека ниеден конфликт не може да се реши кога дипломатската креативност и политичката волја вродат со плод – оценува Солана.

За Солана Преспанскиот договор, доколку помине, ќе значи и спротиставување на „глобалното вртење кон шовинизмот“.

– Во време кога толку многу земји се чини дека имаат намера да градат ѕидови, би било иронично и длабоко пријатно да се види дека Балканот гради мостови – пишува Шпанецот.

Хавиер Солана ги поздравува лидерството и храброста на двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас и потсетува дека и двајцата се соочуваат со силни напади од домашните опозиции.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...